Станува збор за системски закон, кој носи суштински и длабински измени со цел унапредување на ефикасноста, транспарентноста и правната сигурност во граѓанските постапки.
Клучните новини во законското решение, како што посочуваат од Владата, се обезбедување поквалитетна правна заштита и поефикасно водење на постапките, унапредување на постапката за вештачење, при што се овозможува судот и по службена должност да изведува вештачење и увид на самото место како доказ, со што се зајакнува улогата на судот во утврдување на фактичката состојба, како и воведување електронска достава од двете страни, како значаен чекор кон целосна дигитализација на судските предмети.
Со новиот закон, како што се наведува во соопштението, се зголемуваат опфатот и забрзувањето на постапките во споровите од мала вредност, а се намалува висината на глобите за учесниците во постапките, со цел поголема правичност и пропорционалност.
Првпат се воведуваат претставнички тужби за заштита на колективни интереси и права, со што се унапредува пристапот до правда за поголеми групи граѓани, а воедно се избегнува големото и нерационално трошење ресурси.
Со усвојувањето на овој закон Владата уште еднаш ја потврдува својата определба за спроведување вистински, суштински, а не козметички реформи во правосудниот систем, во насока на градење ефикасно, модерно и доверливо судство, се вели во соопштението.






