среда, 24 декември 2025

Уставниот суд поведе постапка за платите на судиите

Уставниот суд денеска донесе поведе постапка за оценување на уставноста на дел од Законот за платите на судиите, со цел заштита на судската независност од извршната и законодавната власт. Ова го соопшти денеска претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, по одржувањето на седницата на која уставните судии расправаа по иницијативите за поведување на постапка за уставноста на измените на Законот со кои беа намалени коефициентите за пресметка на судиските примања.

Објавено на

часот

Сподели

Платите на судиите не се техничко, туку статусно прашање, посочи Костадиновски, кое, како што рече, според меѓународните стандарди не смее да се намалува дури ни во услови на економска криза.

Костадиновски нагласи дека мнозинството уставни судии биле согласни дека ваквите законски интервенции претставуваат директен упад во финансиската независност на судската власт и се спротивни на меѓународните стандарди. Во дискусијата со уставните судии, претходно, тој се повика на препораките на Советот на Европа и на Европската повелба за статусот на судиите, според кои, како што рече, судските плати мора да бидат заштитени од намалување за време на мандатот на судијата и секоја земја членка треба да воведе посебни правила за заштита на овие примања.

„Општоприфатените норми на меѓународното право се применуваат на различен начин, дали се разработени во конвенции, дали во мислења и ставови на Советот на Европа или преку практиката на Европскиот суд за човекови права или преку мислењата на Венецијанската комисија, тие создаваат стандарди. Кога тие ќе создадат стандарди, ние како Суд сме должни да ги почитуваме. Во конкретниот случај, за намалување на платите на судиите, постојат меѓународно прифатени стандарди … Сумирано, овие стандарди аплицирани на конкретниот случај значат гаранција против намалувањето на платите на судиите, но ова е уште поважно: сите овие меѓународни стандарди упатуваат дека платата на судиите не е техничко прашање, туку е статусно прашање нераскинливо врзано со нивната независност и самостојност. Значи, ако се допре во платата, според меѓународните стандарди, тоа значи навлегување во независноста и самостојноста на судиите“, нагласи Костадиновски.

Игнорирањето на овие меѓународни стандарди при носењето на законските измени, претседателот на Уставниот суд, го оцени како некоректно и неисправно, со оглед на тоа што тие се дел од домашниот правен поредок.

Костадиновски појасни дека одлуката за платите на судиите не значи нивно зголемување, туку спречување на понатамошно намалување.

„Оваа наша одлука не значи зголемување на платите на судиите, туку значи спречување на натамошно намалување на платите. Значи, не станува збор за зголемување, туку за заштита на уставно поставената власт и уставните прерогативи за независност и самостојност“,  појасни Костадиновски.

На седницата претходно, пак, уставните судии посочија на повреда на функционалната независност на судската власт, истакнувајќи дека иако законодавниот дом со закон ги одредува платите и надоместоците, во овој случај не се наведени оправдани причини за намалување на коефициентите, ниту во мислењето на Владата, ниту, пак, во Предлог-законот. На седницата, тие нагласија дека секој закон мора да содржи образложение за фактите врз кои законодавецот се повикува при носење на одлуката.

На седницата, уставните судии одлучуваа и по други прашања од јавен интерес.

Во однос на измените и дополнувањата на Кривичниот законик, Костадиновски информираше дека Судот одлучил да ја одложи расправата, со образложение дека во формалната постапка на донесување е задоволено претходното решение на Судот, а за материјалната страна ќе се произнесе кога измените ќе станат дел од позитивниот правен поредок.

Поведена е постапка и за одредби од Законот за управување со движењето на предметите во судовите, кои се однесуваат на начелото на јавност, односно на можноста за објавување и на неправосилни судски одлуки. – Судот со мнозинство гласови одлучи дека тоа е дел од транспарентноста и дека е многу важен елемент за враќање на довербата на граѓаните во судскиот систем и поведе постапка, нагласи Костадиновски.

Во однос на блоковската поделба на тарифите за потрошувачка на електрична енергија, пак, тој рече дека Судот одлучил да не поведе постапка, со што остануваат во сила постојните правила утврдени од Регулаторната комисија за енергетика.

За линеарното зголемување на пензиите, Уставниот суд не донел одлука, поради изедначен резултат при гласањето, а предметот, како што рече, ќе се разгледува по комплетирањето на судискиот состав.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ