„Од уставно-судската анализа на овој предмет произлегоа три клучни прашања: дали колективниот договор ја надминува законската делегација, дали воспоставува автономен платен систем без законска рамка и дали обезбедува јасни и објективни критериуми за утврдување на платите.
Во оваа фаза од постапката Судот смета дека Колективниот договор не се движи во рамките на законското овластување. Не ја разработува законската норма од член 78-љ од Законот за култура, туку воспоставува сопствен модел на утврдување на плати. На овој начин според Уставниот суд, се нарушува владеењето на правото, поделбата на власта и се доведува во прашање законитоста на системот на плати.
Пред Уставниот суд основано се постави и прашањето дека токму пропустот со неуредување на правата на плати и додатоци треба да се бара во членот 76-љ, бидејќи таму е пропуштено да се нормира ова важно прашање. Имено, Законот за култура не утврдува конкретна методологија за пресметка на плата, не утврдува коефициенти на сложеност и не предвидува јасна формула за пресметка. Во одредбата нема критериуми, нема методологија, нема граници, односно нема коефициенти. Платата, како основно право од работен однос, не произлегува од закон туку од одлука и на овој начин правната сигурност и еднаквоста се доведени во прашање“, се наведува во соопштението од Уставниот суд.
Пред Судот се постави прашањето, дали на пример двајца вработени со исти квалификации, на исто работно место, во иста дејност можат да имаат различна плата , само поради различен основач и дали во таков случај вредноста на трудот не ја определува системот, туку буџетот.
„Во однос на одредбите кои се однесуваат на платено отсуство за образование, стручно усовршување и уметнички ангажмани Судот се сомнева дека се воспоставуваат платени отсуства со значително подолг временски опсег, со што се менува законската дистинкција помеѓу платено и неплатено отсуство и се надминуваат законските лимити. На тој начин, се поставува прашањето дали Колективниот договор не врши само доуредување, туку создава нов нормативен режим кој отстапува од законската структура“, ја отвора дилемата Уставниот суд.
По однос на прашањата од новинарите за колкав број на вработени и уставнови станува збор и за колкава висина на плати се работи, согласно добиените информации во предметот Судот информира дека оспорениот Колективен договор за култура опфаќа 74 национални установи со 1.976 вработени и 49 локални установи со уште 492 вработени, односно вкупно 2.345 вработени во 123 установи ,носители на културниот живот во државата.
„Станува збор за мрежа од установи: Библиотеката Браќа Миладиновци – Скопје, Културно-информативниот центар (КИЦ) Скопје, МКЦ Скопје, Музејот на град Скопје, Националната и универзитетска библиотека Св. Климент Охридски, Националната установа Вардар филм, Агенцијата за филм, Националната филхармонија, Националната опера и балет, Оркестарот за џез музика, Драмскиот театар Скопје, Македонскиот народен театар, Театарот за деца и младинци, Стоби во Велес, Охридско лето, Струшките вечери на поезијата, Музејот на современа уметност Скопје, Спомен-куќата на Мајка Тереза и други.
Согласно прибавените податоци 45.000 денари основна плата за најниско звање на помошно-технички персонал до 128.000 денари за највисоко звање на даватели на услуги“, наведуваат од Устаниот суд.






