четврток, 5 јуни 2025

Уставен суд: Пресудата за Дуковска е преседан, одлуките кои ги носела нема да се поништат

Уставниот суд денеска го примил дописот од претседателот на Собранието, Африм Гаши со кој е доставена пресудата на Управниот суд со која се пресудува дека Елизабета Дуковска не може да биде уставна судијка, информираа од Уставниот суд. Од судот не сакаат да ја коментираат пресудата, но велат дека постапувањето на сите инволвирани органи како што се Судскиот совет, Собранието и управните судови во овој случај, предизвика правен преседан „кој создаде правна состојба со која ниту еден досегашен состав на Уставниот суд се нема соочено“. Оттаму велат дека согласно Уставот, судот нема по службена должност да ги преиспитува одлуките во чие носење учествувала судијата Дуковска на која се однесува поништената одлука за избор со пресудата на Управниот суд.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираа, Уставниот суд не ја коментира пресудата на Управниот суд.

„Постапувањето на сите инволвирани органи како што се Судскиот совет, Собранието и управните судови во овој случај, предизвикаа правен преседан кој создаде правна состојба со која ниту еден досегашен состав на Уставниот суд се нема соочено. Таквиот правен преседан несомнено создава правни импликации во постапувањето на Уставниот суд во согласност со неговите надлежности“, велат од Уставен суд.

На денешниот работен состанок, судот одлучил да се одложи подготвителната седница по предметот за Законот за употреба на јазиците, која беше закажана за 19 јуни 2025 година, од причина што судијата Елизабета Дуковска, на која се однесува поништената одлука за избор со пресудата на Управниот суд е судија-известител на конкретниот предмет, а дополнително судот има донесено заклучок според кој постапувањето по овој предмет треба да биде во полн состав на судот.

„Во врска со правните импликации по пресудата на Управниот суд, укажуваме дека согласно со член 112 став 2 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, Уставниот суд нема по службена должност да ги преиспитува одлуките во чие носење учествувал судијата на кој се однесува поништената одлука за избор со Пресудата на Управниот суд“, велат од Уставен суд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ