Од институцијата реагираат дека се напаѓаат интегритетот, самостојноста и независноста на судијата-известител Добрила Кацарска, како и авторитетот на самиот Суд, преку јавно дисквалификување за постапувањето во случајот. Судот ги оценува како недозволиви тезите дека „СДСМ преку Кацарска тргна во напад за укинување на зголемување на пензиите“ или дека „СДСМ преку Добрила Кацарска сака да ви го земе покачувањето“, бидејќи создаваат погрешна слика за неговата работа.
Од Уставниот суд информираат дека по член 2 од измените на законот се поднесени 17 иницијативи од граѓани кои бараат преиспитување.
„Јавните прозивки кон судијата-известител или кон кој било судија преку партиски квалификации се обид за поткопување на авторитетот на Уставниот суд“, стои во реакцијата. Одлуките, како што посочуваат, не ги носи еден судија, туку мнозинство од судиите, па секое свесно пласирање манипулации претставува притисок врз институцијата и опасен преседан.
Судот предупредува дека јавното напаѓање на судии и ширењето шпекулации претставуваат директен удар врз институцијата која го штити Уставот. „Прашањето на пензиите не смее да стане алатка за политички влијанија или мешање во работата на Судот“, велат од таму.
Уставниот суд апелира политичките субјекти да покажат високо ниво на уставно-правна култура и да се воздржат од реторика која создава тензии, поттикнува недоверба и ја дестабилизира институционалната стабилност.
Во соопштението се нагласува дека Судот останува непоколеблив и имун на каков било притисок или обид за влијание, независно од изворот или намерата.






