понеделник, 6 април 2026

Уставниот суд го повлекува предлогот за одлучување за уставноста на Кривичниот законик

Уставниот суд, на седницата закажана за среда ќе го повлче предлогот по кој треба да се изјаснат уставните судии, а се однесува на измените на Киривичниот законик (КЗ) што се однесуваат на казните за функционерите, дознава МКД.мк.

Објавено на

часот

Сподели

Неофицијално, МКД.мк  дознава дека на денешниот состанок на судиите бил постигнал консензус да биде повлечен предлогот за одлучување по измените на Кривичниот законик (КЗ), поради поведената постапка во Собранието за измени и дополнувања на КЗ, кои како што е предложено, треба да се носат во редовна постапка.

„Ова значи дека се одлага конечната одлука на Уставниот суд во однос на членот 353 од КЗ се до завршувањето односно до носењето на измените и дополнувањата на КЗ од страна на Собранието“, велат изворите на МКД.мк.

Од Уставниот суд ја потврдија информацијата на МКД.мк дека овој предмет бил тема на разговор на денешниот состанок на судиите, но не одговорија дали е постигнат консензус помеѓу судиите.

„Предметот беше тема на разговор на денешниот состанок на судиите, меѓутоа одлука ќе биде донесена во Среда, за кога е овој предмет ставен на дневен ред“, велат од Уставниот суд за МКД.мк

Уставниот суд во февруари годинава поведе иницијатива за преиспитување на уставноста на Кривичниот законик меѓу кои се и одредбите со кои се намалуваат казните за функционерите.

„Во оспорениот закон, покрај тоа што не е даден одговор од која причина се извршени измените и дополнувањата на посебно оспорените одредби и намалувањето на казните, не е даден ниту посебен осврт од која причина во истата одредба не уредил одложена примена за членовите 1, 27, 30, 32, 33 и 34, 35, 36 и 37 за кои произлегува дека ќе се применуваат со влегување во сила на Законот на 15.09.2023 година. Во конкретниот случај за Уставниот суд основано се постави прашањето дали оспорените законски измени имаат легитимна цел, дали се општествено оправдани и дали се нужни во конкретниот момент на нашата општествена реалност. Судот се сомнева дека законодавецот водел сметка за уставно-правната реалност и последиците кои ќе настанат по донесувањето на законските измени. Во контекст на измените во Кривичниот законик, јасно се воочува дека овие измени не го почитуваат принципот на еднаквост, бидејќи создаваат ситуација во која одредени категории лица – особено носители на јавни функции и лица со политичка или економска моќ се ставаат во поповолна правна положба во однос на останатите граѓани. Дополнителен аргумент на неуставноста на овие измени од аспект на член 9 од Уставот е фактот што тие индиректно доведуваат до дискриминација и врз основа на општествена положба, бидејќи привилегирањето на одредени поединци значи дека граѓаните со помала политичка или економска моќ не можат да уживаат исти правни механизми и гаранции како оние кои се во позиција да влијаат врз носењето на законите. Со ова, се создава јаз меѓу ‘законите за обичните граѓани’ и ‘законите за политичката и економската елита’, што е директна спротивност на уставното начело на еднаквост пред законите“, се наведува меѓу другото во образложението на Уставниот суд.

Инцијативата за оценување на уставноста на Кривичниот законик доаѓа по двете засебни инцијативи поднесени до Уставниот суд од страна на претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов и Крсте Велески од Охрид.

За Иницијативата за оценување на уставноста на Кривилниот законик гласаа мнозинството уставни судии, а против беше судијата Фатмир Скендери кој напиша издвоено мислење за причините поради кои смета дека Кривичниот законик не е спротивен на Уставот.

Владеачкото мнозинство предложи измени на Кривичниот законик настрана од оние кои ги подготвува Министерството за правда со образложение дека тие претставуваат преодно решение додека не бидат донесени сеопфатените измени кои ги подготвува министерството.

Од Блупринт групата за реформи во прависудството изразија загриженост во врска со овие предложени измени и побараа тековните измени на Кривичниот законик да се ограничат исклучиво на враќање на решенијата кои важеа пред 2023 година, без воведување нови концепти, да се повлечат или темелно преиспитаат одредбите за проширена конфискација кои овозможуваат одземање имот без кривична постапка и судска осуда, да не се стеснува поимот „корист“ само на имотна корист кај делата за злоупотреба на службена положба и несовесно работење, со што се создава ризик од неказнивост за сериозни облици на корупција, да се задржи или да се вметне формулација која овозможува да се обезбеди ефективна кривичноправна заштита од тешки, но нетипични службени злоупотреби и пред усвојување на измените, да се одржи јавна и стручна расправа, а измените да не се носат по забрзана постапка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ