среда, 8 април 2026

Уставниот суд го поништи законот со кој на судиите им беше намалена платата

Уставниот суд на денешната седница го поништи Законот за платите на судиите кој Собранието го донесе на 25 февруари годинава што значи дека платите на судиите нема да им бидат намалени. Со поништувањето на овој закон, останува во сила претходниот Закон за платите на судиите во кој коефицинетите за пресметка на платите беа утврдени во распон од 2,15 до 2,84. Поништувањето на овој закон и враќањето на пресметката на платите на судиите по стариот закон и поголем коефициент при пресметката на платите важи само за судиите во редовното судство, но не важи и за уставните судии. За пресметката на платите на уставните судии, во Судот се води друга посебна постапка. Постапката за оценување на уставноста на сега веќе поништениот Закон за платите на судиите беше по иницијатива на самиот Уставен суд.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Според законот кој денеска го поништи Уставниот суд, коефициентот за утврдување на платата на судиите изнесуваше од 1,97 до 2,60.

„Коефициентите се определуваат според видот на судот во кој судијата работи и според сложеноста на задачите и овластувањата за извршување на дополнителните работи утврдени врз основа на закон“, предвидуваше поништениот Законот за платите на судиите.

Постапката за оценување на сега веќе поништениот закон, Уставниот суд ја поведе на 11 март годинава сомневајќи се дека овој закон не е во согласност со Уставот.

Во образложението на ваква одлука меѓу другото пишува дека од утврдената фактичка и правна состојба произлегува дека во периодот од февруари 2024 година до февруари 2026 година, Собранието во три наврати ги намалил коефициентите на платите на судиите. Првиот пат тоа е направено во 2024 година кога коефициентите за утврдување на платата на судиите беа утврдени во распон од 2,43 до 3,21. Потоа, во декември истата 2024 година е второто намалување на коефициентите за платите на судиите со кој коефициентите за утврдување на платите на судиите беа утврдени во распон од 2,15 до 2,84. И последното, трето намалување е во февруари 2026 година кога коефицинетот за пресметка на платите на судиите беше во распон од 1,97 до 2,60.

Во образложението, Судот уште констатира дека Собранието при уредувањето на коефициентите за плати на судиите постапил спротивно на претходно изнесени ставови на Уставниот суд, бидејќи на 25 февруари 2026 година по трет пат ги намали коефициентите на судиските плати.

„Според оценката на Судот, законодавецот притоа не ги земал предвид факторите од кои зависи платата на судиите, како што се нивната општествена улога и значење и потребата тие да бидат заштитени од надворешни притисоци и влијанија и од корупција со плати, чијашто висина ќе им обезбеди материјална сигурност и особено фактот што функцијата судија е неспојлива со вршење на друга јавна функција или професија, со што судиите трајно се оневозможени да заработуваат средства за живот на друг начин и со дополнителна работа. Повторното намалување на коефициентите на платите на судиите, според мислењето на Судот, исто така, не е во согласност со прифатените меѓународни стандарди во оваа област. Фактот што коефициентите за утврдување на платите на судиите беа намалени два пати во 2024 година и повторно во февруари 2026, според Судот, укажува на тоа дека постои тенденција на намалување на реалниот износ на судиските плати, што создава опасност за загрозување на нивната материјална положба, а со тоа и загрозување на независноста и самостојноста на судството и противуставно навлегување на законодавната и извршната власт во судската власт“, пишува во образложението на Судот од 11 март 2026 година.

Поништувањето на овој закон и враќањето на пресметката на платите на судиите по стариот закон и поголем коефициент при пресметката на платите важи само за судиите во редовното судство, но не важи и за уставните судии. За пресметката на платите на уставните судии, во Судот се води друга посебна постапка. Постапката за оценување на уставноста на сега веќе поништениот Закон за платите на судиите беше по иницијатива на самиот Уставен суд.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ