среда, 18 март 2026

Уставен суд: Прејудицирањето на одлуките на Судот може да влијае врз интегритетот на државата

Изјавите на поранешниот претседател Стево Пендаровски поврзани со работата на Уставниот суд не се точни и не кореспондираат со фактичката состојба, реагираа денеска од Судот откако Пендаровски на 13 март во гостување на ТВ1 изјави дека „сега одеднаш, по неколку години практицирање на Законот за употреба на јазиците некој вели да го преиспитаме тој Закон, да го консултираме Уставниот суд кој веќе закажал расправа за ова прашање во следните месеци и може да биде голем проблем доколку Судот го поништи тој закон“.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопштија од Уставниот суд ваквите изјави на поранешниот претседател Пендаровски не се точни и не кореспондираат со фактичката состојба.

„Имено, не станува збор за ‘подносител кој е непознат за јавноста’, туку за 13 иницијативи поднесени од 45 подносители, меѓу кои има и политички партии, професори, адвокати, здруженија и граѓани. Оваа информација во повеќе наврати изминатите години е јавно објавена од страна на Судот, во рамки на заложбите за транспарентност. Судот исто така укажува дека, имајќи ја предвид сензибилизираната јавност за овој предмет, високиот степен на јавен интерес, особено е значајно јавни личности или лица кои вршеле високи државни функции и може да придонесат за креирање на јавната перцепција, да се воздржат од изнесување неточни или непроверени информации, без разлика дали се наменети за домашната или меѓународната јавност“, реагираат од Уставниот суд. .

Дополнително, велат оттаму, прејудицирањето на одлуката на Судот, како и изнесувањето претпоставки за можните последици од одлучувањето, претставува несоодветен пристап кој може да влијае не само врз угледот на Судот, туку и врз перцепцијата за правниот поредок и институционалниот интегритет на државата.

„Уставниот суд ја информира јавноста дека во конкретниот предмет не е донесена одлука и дека Судот за овој предмет, исто како и за сите останати ќе постапува во согласност со Уставот, врз основа на сите релевантни факти, аргументи и правни норми“, велат од Уставниот суд во денешната реакција на изјавата на поранешниот претседател Стево Пендаровски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ