вторник, 16 декември 2025

Успех на македонската урологија во Торино – престижна награда за д-р Огнен Ивановски

На годишниот заеднички конгрес на Европската асоцијација на генито-уринарни реконструктивни хирурзи (ESGURS) и Европската асоцијација за андролошка урологија (ESAU), кој се одржа во Торино, Италија, највисокото признание за најдобра видеопрезентација му беше доделено на д-р Огнен Ивановски од Универзитетската клиника за урологија во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Во фокусот на наградената презентација е ретка и комплексна хируршка процедура на генитална реимплантација и реконструкција, самостојно изведена од д-р Ивановски и документирана преку видеоснимка, направена во една од операционите сали на клиниката. Ова е наедно прв видеозапис во светот кој ја документира и детално ја објаснува оваа хируршката техника.

Пациентот е следен цели три години по операцијата, со одлични резултати и без значајни компликации. Помеѓу бројните пријави од водечки европски и светски експерти, трудот на д-р Ивановски беше избран и препознаен како најзначаен придонес во областа на реконструктивната урологија за 2025.

„Oваа награда за мене е поттик да продолжам со уште поголема посветеност во интерес на пациентите и развојот на науката“, истакна д-р Ивановски по доделувањето на наградата.

Со ова признание, Универзитетската клиника за урологија во Скопје и Македонија уште еднаш докажаа дека можат да бидат рамноправен партнер со најпрестижните европски и светски медицински центри.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ