Како што информираа од Виз Ер, може да има прекини низ мрежата бидејќи услугите на веб-страната и мобилните апликации привремено се недостапни.
„За време на прекинот, достапно е бесплатно пријавување на аеродромот. Затоа, ги советуваме патниците да пристигнат на аеродромот најмалку 3 часа пред закажаното време на поаѓање за да овозможат доволно време за пријавување, безбедносна контрола и здравствени и безбедносни процедури специфични за аеродромот“, пишува во соопштението од авио-компанијата.
Помеѓу услугите што во моментот не се достапни се веб-страницата и мобилната апликација на Виз Ер, системот за резервации, онлајн системот за пријавување и прикажување на картата за патување и контакт центри – нови резервации и промени на постоечките.
Поради голем ИТ дефект денеска светските авиокомпании, аеродромите на најмалку четири континенти, здравствените системи, банките, телекомуникациите, медиумите и други компании, институции и организации се соочуваат со потешкотии во работата.
Сè поголем број влади и институции тврдат дека зад големиот технолошки дефект што ги погоди компаниите и системите ширум светот, не стои хакерски напад, а виновникот го наоѓаат во софтверот на компанијата за кибер безбедност КраудСтрајк.






