Од судот појаснуваат дека во текот на главната расправа, обвинетиот ги признал кривичните дела за кои што беше обвинет, им се извинил на оштетените новинари кои беа присутни во судницата денеска и изразил искрено каење за нападот.
„Судот при одмерување на видот и висината на кривичната санкција го имаше во предвид особено фактот дека со овие кривични дела се нарушува јавниот ред чиј објект на заштита во поширока смисла е општата сигурност на граѓаните, чувството на мир на загрозеност на идвидуалните и заедничките добра. Притоа имајќи превид дека во конкретниот случај е загрозена и безбедноста на новинарите, а со тоа е извршен и директен напад на слободата на изразување, особено ако се има во предвид дека со спречувањето на новинарите во нивната работа не е извршен само напад на поединецот, туку со тоа се напаѓа правото на целата јавност да биде информирана за клучни теми кои се од влијание во општествен живот, а тоа претставува сериозен напад врз јавниот интерес и слободата на говорот, односно директен напад врз демократскиот поредок. Имајќи ги во предвид овие околности, но и околностите врзани за личноста на обвинетиот, неговите лични и семејни прилики, истиот претходно не е осудуван и против него не се водат постапки за други кривични дела, а особено здравствената состојба на обвинетиот, односно врз основа на наод и мислење од вешто лице-психијатар е утврдено дека истиот боледува од хронично растројство шизотипно растројство, која болест не е од паталошка природа туку произлегува од структурата на личноста, односно неговата намалена способност за контрола на импулсивноста и неговата потреба од секојдневна терапија, судот смета дека со условната осуда со заштитниот надзор и мерката подложување на лекување или социјална рехабилитација во соодветни специјализирани установи ќе се постигнат целите на казнувањето“, се анведува во одлуката на судот.
На 11 декември годинава, Горан Спасов ги нападна новинарите на порталот Инфомакс, Александар Митовски и Милош Милошевски додека од студиото на редакцијата одеше во живо емисијата „Тешки муабети“ со гостинот, ексградоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Како што кажа тогаш Митовски, додека разговарале во студиото, Спасов ја скршил влезната врата на редакцијата по што биле нападнати затоа што го критикувале премиерот Христијан Мицкоски.






