Кога во декември минатата година ги прашавме надлежните за тоа дали е навистина издадена дозвола за изградба на 180 станови во близина на хотелот „Макпетрол“ до скијачкиот центар, од општината Маврово-Ростуше ни одговорија дека такво нешто нема.
„По сите извршени контакти и проверки со нашите вработени во Одделението за урбанизам и комунални дејности кое се наоѓа во Маврово, сакам да ве известам дека нема никаква градба наспроти хотелот „Макпетрол“ во Маврово во наведената големина со околу 180 станови или приближно“, одговори тогаш за МКД.мк Фикрет Ибрами, советник за односи со јавноста и меѓународна соработка во општина Маврово и Ростуше.
Деновиве по социјалните мрежи почна и официјалната промоција на овој „модерен резиденцијален станбен комплекс на само 100 метри од скијачките патеки, на 9.000 квадратни метри вкупна површина, со 7 станбени блокови и 180 станбени единици како идеално викенд прибежиште“. Повторно се обративме до советникот за односи со јавност и меѓународна соработка. Овој пат додадовме и прашање за тоа како ќе бидат решени отпадните води, ако се знае дека досега голем дел од објектите во селото Маврово отпадните води без никакви пречистителни станици ги пуштаат директно во езерото.
„За селото Маврово донесен е урбанистички план за селото од 2016 година. За наведената локација има донесено Архитектонско урбанистички проект (АУП) со коешто е извршена детална разработка на таа локација.
Во однос на фекалните води, со истиот АУП е предвидена изградба на две прочистителни станици“, вели Ибраими.
На нашето барање за дообјаснување на ваквиот пресврт во официјалните информации од општината и за тоа кога и кој како гласал во советот на општината Ибраими вели:
„Урбанистичкиот план е донесен во 2016 година. Во декември месец исто така ви дадов точни информации. Сигурно дозволата за градба е дадена по вашиот допис. АУП е донесен, мислам оваа година. Најточно ќе ви одговорам до петок“, пишува Ибраими.
Денеска е сабота, но одговор нема.
Она што успеавме да го дознаеме е дека инвеститори на овој проект се компаниите Фортон и Фортонинвест. Цените на становите се од 600 до 900 евра по квадрат (кои наводно веќе 30 отсто биле продадени) и дека објектот ќе биде готов до крајот на 2021 година.
Од управата на Националниот парк Маврово засега нема никаков одговор.
А.Д.