понеделник, 29 декември 2025

Уште еден сведок за трагедијата во „Пулс“: Ја гледав ќерка ми и мислев дека ќе ги отвори очите

Низ солзи и плач денеска на судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани сведочеше Ирена Минова, мајка на загинатата 16-годишна Драгана Минова. „Беше ученичка на втора година во медицина и сакаше да стане докторка, детски педијатар“.

Објавено на

часот

Сподели

„Некаде во 2 часот и 11 минути по полноќ таа ми прати порака да ми каже дека е убаво внатре, ми прати и кратко видео. Ми пиша, мајка, биди спокојна. И мојот син беше на концертот, има 13 години. Кога дошла полицијата, им побарале лични карти, но кога виделе дека се малолетни ги избркале надвор. Во тој момент мојот син слушнал дека има некаква турканица, помислил дека е тепачка, но кога видел дека е пожар, сакал да се врати во диското за да ја бара сестрата. Откако не успеал, ми ѕвонел но не сум го чула телефонот, па му ѕвонел на татко му. Само чув како мојот сопруг извикува, пожар, каде е сестра ти. Станавме и двајцата и се упативме кон диското. Се симнав од автомобилот, беше 2,50, а мојот сопруг бараше место за паркирање. Пред дискотеката затекнавме хаос. Деца лежеа на земјата, некои од нив беа починати, некои бараа помош, лицата им беа целите црни…

Видов повозрасни луѓе кои даваа помош. Ја барав ќерка ми, телефонот ѕвонеше, но таа не одговараше. Викав на цел глас, но немаше кој да ме слушне. Пред пожарната стоеја двајца полицајци и една полицајка. Мајката на Габриела бараше помош, сакаше да го скрши ѕидот за да влезе, удираше по него. Еден пожарникар влегуваше и излегуваше, сакаше да земе воздух, ги видов и обезбедувачите, помагаа на секој што беше со крената рака. Имаше прозори со решетки. Почнаа да паѓаат делови, почна да пука нешто. Кога се вратив го видов Михајло, синот на газдата, како седеше, а до него стоеше и Драна Петрушев полицаецот, гледаа, додека децата викаа и бараа помош, тие стоеја и гледаа. Ако сите помагаа и спасуваа деца, сега немаше да има ниту една жртва. Помагаа само оние кои сега се починати, бидејќи таму немаше простор да влезеш неколку пати, а да излезеш жив. Моето дете никаде го немаше. Тој објект пред 12 години беше магацин за ташни, а јас таму работев, па се сетив дека има друг влез. Тој влез се наоѓаше на десната страна, се качив по скалите, ходникот беше тесен, од него излегуваше чад, до средината стигнав, не знаев каде ќе ме одведе и се вратив назад. Жално и тешко беше да се гледа како едни млади деца се борат за сопствениот живот. Некој од нив беа голи, без облека лежеа. Се вратив пред влезот на дискотеката и го видов мојот сопруг како стои до мојата ќерка, на нејзиното тело немаше изгореници, мислев дека е само онесвестена. Мојот сопруг пробал да ѝ даде вештачко дишење, но таа немаше пулс. Ја качи во колата, ја однесовме во болница. Таму беше како во дискотеката, многу народ. Во ходникот на брза помош лежеа мртви деца, насекаде имаше крв, мирисаше на пожар, на изгорени деца. Мојата ќерка лежеше во Брза Помош на земјата, целиот медицински персонал даваше сѐ од себе да ги спаси децата. На мојата ќерка ѝ беше пружена помош. Гледав и мислев дека ќе ги отвори очите, таа лежеше на подот, а јас не бев свесна дека не е меѓу живите. Ја земаа, мислев ќе ја качат на одделение и сфатив дека мојата Драгана ја изгубив засекогаш. Драгана отиде во диско, а ние ги дочекавме дома во сандаци.
За крај би сакала да додадам дека после 16 март животот на никој од нас повеќе не е ист. Нашите деца не починаа од природна смрт, тие беа убиени, имаа право на свој живот и среќа, да имаат остварени сонови. Болката која ја носиме е тешка, а нашите деца никогаш нема да се вратат дома.

Бројот 63 не е само бројка, туку се загубени човечки животи. Како да му објаснам на детето кое ми остана дека мора да се научи да живее со болка. Откопани беа 63 дупки и беа покриени со црна земја. Ако дете изгуби родител ќе го наречат сирак, а како да го наречат родителот кој изгубил дете. Не барам сожалување, туку барам да признаете вина. Со вашите потписи вие ја потпишавте судбината на нашите деца. Нивните столчиња останаа празни засекогаш, а и сега за празниците“, сведочеше мајката Ирена Минова, чија исповед предизвика силни емоции во салата.

Судењето продолжува со сведочење на третиот сведок.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ