недела, 7 декември 2025

Уривачот на старата струшка куќа ќе одговара за уништување на добра под привремена заштита

По целосно расчистување на настанот со уривањето на старата струшка куќа против сторителот ќе биде поднесена кривична пријавља за сторено кривично дело оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство, информира МВР.

Објавено на

часот

Сподели

МВР соопшти детали за тоа како е урната старата струшка куќа која е заштитена со закон како културно наследство.

„Вчера во 11 часот во ОВР Струга е пријавено дека Н.К. од струшкото село Велешта, при изведување градежни работи на улицата Браќа Миладиновци во Струга со работна машина го поткопал темелот од јужниот ѕид на куќата-музеј на Владо Малески, која претставува споменик заштитен како значајно културно наследство. Увид на местото извршија претставници на Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, како и полициски екипи. По целосно расчистување на настанот, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријавља за сторено кривично дело оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство по член 264 од Кривичниот законик (КЗ)“, информира МВР.

А според овој член од КЗ предвидена е казна од три до десет години. Според законикот, доколку градежните работи се изведувале без соодветни дозволи или спротивно на нив, предвидена е казна затвор од три до десет години за вршење недозволени работи на добра под заштита. Ако поради таквите работи настане оштетување, како во овој случај, предвидена е уште потешка казна, затвор од пет до десет години. Согласно КЗ , средствата за извршување на делото и предметите на делото се одземаат. Ова може да вклучи градежна механизација и други алатки употребени при извршувањето на кривичното дело.

Но, адвокатот Глигор Ќатоски упатува на уште неколку кривични дела кои би можеле да бидат сторени со уривањето на куќата и упати апел до Јавното обвинителство да ја истражи и законитоста на самата градба.

Тој посочува дека обвинителството треба да испита и дали постојат елементи на кривичното дело бесправно градење (Член 244-а од Кривичниот законик)

„Покрај одговорноста за оштетувањето, Јавното обвинителство треба да ја истражи и законитоста на самата градба. Доколку се утврди дека градежните работи се изведувале спротивно на основниот проект и со тоа е нарушена механичката отпорност и стабилноста на соседниот објект (куќата-музеј), може да се примени став (3) од член 244-а од КЗ. Клучно е што став 6 од овој член предвидува дека изградените недвижности (објектот што го градел приватниот градежник) се одземаат. Ова е една од најстрогите последици за бесправно градење“, напиша адвокатот Ќатоски на својот фејсбук профил.

Како што вели тој, треба да се истражи и дали при уривањето на куќата е сторено кривичното дело загрозување на сигурноста при изведување на градежни работи од член 289 од Кривичниот законик.

„Ова дело се однесува на одговорноста за непочитување на техничките правила и прописи при градење“, забележува Ќатоски.

Освен ова, тој смета дека обвинителството треба да испита дали е сторено и кривиченото дело одговорност на правното лице односно на изведувачот кој ја урнал старата струшка куќа.

„Доколку приватниот градежник работел во рамките на правно лице (фирма-изведувач), тогаш и правното лице ќе сноси кривична одговорност“, објаснува Ќатоски.

И последно, но непомалку важно е потребата да се истражи дали воп овој случај постои граѓанска одговорност.

„Должност да се надомести целокупната предизвикана штета, како материјална (трошоци за поправка), така и нематеријална (поради повреда на културното значење на објектот). Оваа одговорност е солидарна на градежникот со инвеститорот на објектот, што му овозможува на оштетениот да го бара целиот износ на надомест од било кој од нив“, заклучува адвокатот Ќатоски.

Копајќи темели за изградба на нова куќа, сопствениците на парцелата што се наоѓа веднаш до старата градска струшка куќа во центарот на Струга ги ископале и нејзините темели, по што е урнат заедничкиот ѕид со соседната куќа која ќе се гради.

При увидот на лице место, Завод и музеј Охрид констатираше големи оштетувања на старата струшка куќа, која е заштитена со закон како културно наследство.

Управата за заштита на културно наследство (УЗКН) соопшти дека согласно постоечката законска регулатива, до надлежните „ќе поднесе соодветна пријава за оштетување на културно наследство“, по нанесената штета на старата струшка куќа во најтесното градско јадро во Струга, која е заштитен објект-споменик.

Ова не помина незабележано од политичките партии кои освен реакциите за уривањето на старата струшка куќа, не заборавија и да си ја префрлат вината кој го дозволил тоа.

На ова реагираше и Министерството за култура.

Искра Опетческа

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ