Сејдини во своето обраќање на настанот по овој повод истакна дека процесот е резултат на јасна визија, истрајност и заедничка работа на повеќе институции.
„Денес го поставуваме темелот на едно поедноставно, поорганизирано и транспарентно судство. Дигитализацијата за нас не е само технолошка новина, туку инструмент што ќе ја зајкне правната сигурност, ќе ја подобри комуникацијата меѓу институциите и ќе донесе значителни заштеди. Благодарен сум на сите партнери чие залагање овозможи овој проект да стане реалност“, нагласи Сејдини, додавајќи дека современите алатки се неопходни за градење политика, доверба и стабилност во правосудството.

Од Управниот суд велат дека проектот носи повеќекратни придобивки, воспоставување пребарлива база на судски одлуки, целосно електронско судско досие, ефикасен систем за е-достава на документи и подобра продуктивност на институционалните ресурси.
„Дополнително, очекуваните финансиски заштеди уште во првата година потврдуваат потврдуваат дека инвестициите во дигитализацијата се насочени кон рационално и одговорно управување со јавните средства“, велат од судот.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, во својата изјава нагласи дека дигиталната интеграција претставува суштинска промена во начинот на кој судството комуницира со администрацијата и со граѓаните.

„Овој проект јасно покажува дека вложувањето во судството не е трошок, туку вредност мерлива во време, правна сигурност и доверба. Тој истовремено потврдува дека независноста и модернизацијата не се во спротивност-напротив, заедно создаваат поефикасен и поодговорен систем. Ова е модел кој треба да се прошири и системски да се вгради во сите сегменти на судството“, рече Камбовски, нагласувајќи ја важноста од меѓуинституционална соработка и конзистентни резултати.
Со овој проект, кој е дел од Развојната секторска стратегија за правосудството 2024-2028, Управниот суд продолжува да се позиционира како институција која активно ги следи современите стандарди и ги интегрира технолошките решенија во служба на граѓаните.
Дигитализацијата, како што беше истакнато, е средство за создавање систем во кој правдата е предвидлива, подостапна и поефикасна.
Од Управниот суд велат дека проектната имплементација претставува потврда дека судсвото може да фунционира како интегриран и одговорен систем кога фокусот е ставен на јавниот интерес. Со тоа денешниот настан го означува започнувањето на ново поглавје во развојот на судските институции, со јасна амбиција да се продолжи кон следната фаза-целосно дигитално поврзување на судовите на сите нивоа.






