Од Заводот за ревизија посочуваат дека во затворите нема доволен број на припадници на затворска полиција, што директно ја загрозува безбедноста и го зголемува притисокот врз системот преку енормни трошоци за прекувремена работа.
„Не се преземени доволно мерки и активности за подобрување на материјалните услови и сместувачките капацитети, а пренатрупаноста негативно се одразува врз условите за сместување и почитување на личноста и достоинството на лицата лишени од слобода“, велат од Државниот завод за ревизија.
Финансиските ограничувања сериозно ги попречуваат активностите во установите. Како што стои во извештајот, поради недостиг на средства, затворите не можат соодветно да планираат, да реализираат активности, ниту пак да ги подмират обврските од претходни години. Се бележат и зголемени судски трошоци и исплати по извршни решенија, главно поради неисплатени средства за прекувремена работа и други додатоци на плата.
Дополнително, ревизорите откриле дека установите немаат доволно безбедносна опрема и немаат унифициран систем за визуелно-електронско набљудување, а постоечките видео системи не се одржуваат редовно.
Здравствената заштита исто така е сериозно загрозена. Според наодите на ревизорите, нема доволно медицински персонал, а поради неажурирани податоци за задолжително здравствено осигурување, на многу осудени лица им е ускратено правото на здравствена заштита.
Уште еден сериозен проблем, според ревизорите, е тоа што системот за третман и ресоцијализација на осудените не функционира. Установите немаат доволен број на воспитувачи и инструктори, не се спроведува образовен процес за осудените и децата во воспитно-поправните домови, а само 8% од осудените лица се ангажирани на работа надвор од установите, без целосна контрола над нивниот ангажман.
„Постои низок процент на искористеност на постпеналната помош, што е една од можните причини за рецидивизам“, се наведува во извештајот.
Дополнително, пробациските канцеларии се нецелосно воспоставени, недостасуваат пробациски службеници, а недоволно се изрекуваат и самите пробациски мерки, што влијае на неостварување на основната цел – намалување на затворската популација.