сабота, 12 јули 2025

Управата за финансиска полиција за 9 месеци откри криминали од 30 милиони евра

Кога ја презедовме одговорноста за управување со државата, знаевме дека ќе мораме да се соочиме со еден од најголемите предизвици – да ја вратиме правдата таму каде што била протерана, да изградиме институции што не се плашат, туку делуваат. Наша обврска е да воспоставиме систем кој ќе ги штити чесните, а ќе ги изведува пред лице на правдата оние што ја краделе државата. Денес, токму тука, испраќаме јасна порака – тоа време дојде, порача премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на Денот на Финансиската полиција.

Објавено на

часот

Сподели

Според Мицкоски, сериозен е податокот што од 1 септември 2024 до 10 јуни 2025 година, Финансиската полиција поднела 36 кривични пријави, со кои е откриена штета или е утврдена и противправна имотна корист во висина од речиси 30 милиони евра.

„Овие пари се на граѓаните, и ова е пример како се штити имоитот на државата. Не заборавајте дека ние треба да служиме на граѓаните и на интересите на Македонија. Непристрасно, енергично и имаме мисија да ја преобразиме државата и да создаваме иднина каква заслужуваат граѓаните. Овие пријави не се обични бројки – зад нив се кријат конкретни злоупотреби и поединци кои мислеле дека државата е нивен имот. И во таа битка за правда нема партиска припадност нема етничка припадност. Правдата е слепа, но достижна“, нагласи премиерот.

Овие бројки, истакна Мицкоски на опчетот на УФП се најсилен доказ дека државата се буди и дејствува, дека нема веќе недопирливи, нема веќе молк.

„Ова е ново време на одговорност. Да не се заборави дека борбата против криминалот не е борба на една институција. Тоа е борба за душата на државата, за заедничката иднина. Каква иднина ќе оставиме за нашите деца, зависи од тоа сега што ќе го направиме. А Македонија е уморна од чекање и нема втора шанса, ова всушност е последната шанса. Ние не градиме само економија и патишта – ние градиме правда. Ние не зборуваме само за развој – ние зборуваме за ослободување од стравот, од неказнивоста, од мафијата во клучните сектори. На сите кои ја злоупотребиле довербата – им порачуваме: Ќе одговарате. На сите кои чесно работат во институциите – им порачуваме: Продолжете храбро. Вие сте чувари на државата“, порача Христијан Мицкоски.

Обраќајќи им се на граѓаните, тој кажа дека треба да знаат дека Владата стои зад нив и зад секој човек што верува во правда, а не зад криминалците и тајкуните.

„Како што рекол Џон Кенеди: ‘Корупцијата е најголемиот непријател на демократијата. Таа ја урива довербата и ја труе надежта.’ Ние сме тука да ја вратиме и довербата – и надежта. Тоа што Управата за финансиска полиција за 9 месеци откри криминали од 30 милиони евра е доказ дека за решеноста да расчистуваме со криминалот, и чекор напред дека ги градиме темелите на промените. Нема назад. Македонија оди напред – како држава на ред, правда и одговорност“, упати пораки премиерот Мицкоски од отчетот на Финансиската полиција.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ