Предлогот, понуден од премиерот Христијан Мицкоски, предвидува во следните две години околу 7.700 до 7.800 вработени во правосудството и управата да добијат зголемување на платите од 40 проценти.
Премиерот изјави дека Владата, како најголем работодавач, ги има регулирано односите со најголемиот дел од вработените, а дека останува уште „мал дел“ од административните службеници за кои понудата веќе е ставена на маса.
Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, изјави дека за нив ваквиот предлог е прифатлив. „Подготвени сме во било кој ден што ќе одговара на премиерот и министрите да ги потпишеме колективните договори и да се стави крај на оваа долгогодишна неправда“, истакна Деаноски.
Блокада на Собранието и генерален штрајк се двата следни чекори што ги најави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), по протестот во средата во Скопје. Првата блокада ќе биде следната недела, а ќе се блокира работењето на Собранието и пристапот на пратениците кај кои една година стојат законските измени за зголемување на минималецот.
Опозициската СДСМ бара зголемувањето на платите да се реализира веднаш, а не во период од две години. Тие ја повикаа власта да го изгласа нивниот предлог-законот доставен до Собранието со кој се предлага зголемување на минималната плата на 600 евра. Според опозицијата, сегашното ниво на минимална плата од околу 400 евра не обезбедува соодветна заштита на животниот стандард и не ги следи реалните трошоци на едно просечно домаќинство, додавајќи дека работниците не можат да чекаат до 2028 година.
Синдикатите бараат зголемување на минималната плата за 12.000 денари и раст на сите останати плати за 6.000 денари. Доколку барањата не бидат прифатени, најавени се блокади и протести од следната недела, при што први на удар би биле пратениците во законодавниот дом.






