Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во изјава за медиуми рече дека станува збор за најголемиот настан што Унијата на млади сили го има реализирано од своето основање.
„Зборувам за меѓународен политички настан. Меѓународната демократска унија е најголемото семејство на центар десни конзервативни, и центар политички партии во светот. И со тоа нејзиниот подмладок е најголемиот политички подмладок што ги застапува овие идеи и овие политички визии. И со самото тоа што Скопје е одбрано на светската мапа, и тоа што Унијата на млади сили е избрана од сите подмладоци да го организира овој настан, мислам дека многу говори за посветеноста на Унијата на млади сили, на тимот предводен од Сергеј Попов“, подвлече Николоски.
Тој рече дека смета оти ова е најдобар доказ дека навистина Унијата на млади сили се развива. Николоски додаде дека најсвежите идеи, најдобрите идеи, најдобрите кадри во ВМРО-ДПМНЕ произлегувале токму од Унијата на млади сили.
„Мислам дека оваа генерација навистина има светла иднина и дека партијата ќе црпи многу од овие луѓе коишто се сега во рамки на Унијата на млади сили. Ќе поразговараме овие три дена со претставници коишто доаѓаат буквално од целиот свет за она што се нови политички визии. Тука е и претставникот на подмладокот на ЕНП. ЕНП е најголемо политичко семејство во Европа. Се обидуваме и со нив да градиме добри односи, добри политички односи. ВМРО-ДПМНЕ е член. Така што низ еден дијалог ќе може Унијата на млади сили да презентира што правевме во изминатиот период и кои се нашите визии и планови за иднината. Посветуваме големо внимание, дали е тоа во делот реформи во образованието, дали е тоа во делот на поддршка на студентите, вработувања на младите лица, обучување и прифаќање на предизвикот на новите технологии коишто доаѓаат. Навистина имаме еден широк спектар каде што се бориме да помогнеме на младите луѓе, а секако најдобрите идеи во партијата ги очекуваме токму од нив“, додаде Николоски.
Сергеј Попов, пратеник и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, појасни дека во наредните денови, како Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, ќе имаат прилика да се вмрежат со над 45 млади лидери од 25 земји.
„Ова претставува огромна прилика за нас како Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, како да разменуваме искуства што ќе можеме да ги примениме овде во Република Македонија, но, исто така и да градиме контакти за во иднината, бидејќи секој еден од овие млади лидери кои се овде присутни, еден ден ќе ги наследи своите сениорски структури во земјата од која доаѓа, исто и како Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ овде во Република Македонија. И мислам дека овие настани за нас како млади политичари, како подмладоци на политичките партии се од особено значење. Во наредните неколку дена ќе можете да посведочите на навистина квалитетни говорници и квалитетни дискусии“, подвлече Попов.






