сабота, 21 март 2026

Украдени дел од подароците за мајмунот Мики во ЗОО Скопје

Правевме роденден на мајмунот Мики. Повеќе од пола подароци му ги украдоа гости (луѓе!) – на мајмунот! Толку имам да кажам. Ова денеска на својот фејсбук-профил го напиша Војо Иванов, вработен во Зоолошката градина во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Вработени во ЗОО Скопје денеска организираа роденденска прослава за мајмунот Мики. Додека ЗОО негувателите ги дувале свеќите од тортата направена за Мики, посетителите украле дел од подароците.

„Приказна што почна тешко, но заврши со надеж, љубов и среќен крај. Мики како бебе, на возраст од неколку месеци, беше отфрлен од мајката и се соочи со сериозни повреди на главата и епилептични напади. Во овие најкритични моменти неговиот живот зависеше од човечка грижа, посветеност и борба. Нашата зоонегувателка Зера, 24 часа дневно беше покрај него, со мала помош од колешките-дадилки, без ниту еден момент да остане сам. Со многу љубов, трпение и стручна грижа, Мики денес е здраво, активно и разиграно младо гибонче“, објави пред четири дена Зоолошката градина.

 

Преку прославата, како што посочуваат, сакаат да ја споделат неговата инспиративна приказна со јавноста, но и да потсетат оти гибоните се загрозен вид, кој има потреба од заштита.

 

„Истовремено, сакаме јасно да укажеме дека мајмуните не се домашни миленици, а човечката грижа во случајот на Мики беше единствена шанса за негов опстанок. Овој настан е и можност да им оддадеме искрено признание и благодарност на сите што беа дел од неговото спасување, но најмногу на нашата колешка Зера за нејзината неверојатна пожртвуваност, како и на целиот тим, кој учествуваше во неговото лекување, рехабилитација, социјализација и секојдневна грижа“, се додава во објавата.

Зоолошката градина ги повика заинтересираните да го запознаат Мики, кој сега бил успешно ресоцијализиран и живее заедно со својата сестра Делфина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ