„Клучен чекор во овој процес е донесувањето на Стратегија за реална и наплатлива листа на должници со која листата повеќе нема да биде архива на историски податоци кои се резултат на наталожени и неажурирани состојби во даночните регистри и евиденции, која низ годините стана обемна и го отежнува правилното согледување на даночните побарувања на државата и планирањето на мерките“, велат од УЈП.
Целта е, велат од УЈП, да се воспостави реална и употреблива база на податоци како здрава основа за подобро насочување на ресурсите и поефикасна наплата.
„Прочистувањето на Листата на должници не значи откажување од наплатата, туку јасен фокус за правилни мерки врз основа на класификација и категоризација на долговите. Чистите податоци се основа за ефикасна наплата. Како дел од системскиот пристап, спроведуваме и реорганизација на оперативните надлежности за наплата на долгови, преку разграничување меѓу масивните, рутински постапки (блокади на сметки), постапките кои бараат индивидуализиран пристап кон должникот (присилна наплата од имот, приходи и побарувања на должникот) и најсложените случаи во кои се применуваат специфични мерки (судски постапки, гаранции и сл.)“, вели директорката на УЈП, Елена Петрова.
Дополнително, УЈП донесе Повелба за формирање на Центар за даночно извршување, со цел зајакнување на теренските капацитети за лоцирање на движен и недвижен имот на должник, правилна процена на неговата вредност и поефикасно впаричување.
„Со овие мерки, УЈП преминува кон „паметно“ управување со даночните долгови, засновано на реални податоци, јасна приоретизација на случаите и рационално користење на институционалните ресурси. Очекуваните ефекти од овој пристап се: подобрена наплата, намалување на даночниот јаз поврзан со ненаплатени даночни обврски и зголемување на транспарентноста и кредибилитетот на податоците за даночните побарувања на државата“, велат од УЈП.






