понеделник, 2 јуни 2025

УЈП: Управата прво ги опоменува фирмите, па потоа им ја блокира сметката

Управата за Јавни приходи (УЈП) на даночните обврзници кои во целост или делумно по доспевање на даночната обврска не го платиле данокот, односно споредната даночна давачка, им доставува опомена за видот и износот на данокот, односно споредните даночни давачки пристигнати за наплата, со која се задолжуваат пристигнатиот износ да го платат веднаш, а најдоцна во рок од седум дена од денот на приемот на опомената. Доколку даночниот долг не биде платен и по доставената опомена, Управата за јавни приходи отпочнува постапка за присилна наплата со донесување на Решение за присилна наплата, се наведува во дел од одговорите на упатени прашања од МКД.мк откако вчера нашата редакција објави дека УЈП без објаснување блокира фирми што прописно платиле ДДВ.

 

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Од Управата за јавни приходи за МКД.мк велат дека во неможност да ги проверат фирмите за кои нашата редакција пишуваше дека се блокирани, а платиле данок, а за кои, заради заштита не објави имиња, од Управата ја објаснуваат процедурата во кои случаи една фирма може да биде блокирана по основ на неплатен данок на додадена вредност (ДДВ).

„Согласно одредбите од членот 41 од Законот за данок на додадена вредност, обврзниците за ДДВ се должни за секој даночен период да поднесат даночна пријава во рок од 25 дена по истекот на даночниот период, во која сами го пресметуваат данокот, а согласно членот 42 од истиот Закон да го платат пресметаниот данок во даночната пријава, во соодветниот даночен период, односно најдоцна на 25-ти во тековниот месец за претходниот. Даночниот долг кој е настанат согласно одделните даночни закони и подлежи на оданочување според тие закони престанува со плаќање на даночниот износ, со пребивање на даночните побарувања и даночните долгови на ист даночен обврзник, со присилна наплата на даночниот долг и застарување на даночниот долг“, велат од УЈП.

Што се однесува до блокирање на сметките на фирмите од Управата за јавни приходи велат дека УЈП на даночните обврзници кои во целост или делумно по доспевање на даночната обврска не го платиле данокот, односно споредната даночна давачка, им доставува опомена за видот и износот на данокот, односно споредните даночни давачки пристигнати за наплата, со која се задолжува пристигнатиот износ да го платат веднаш, а најдоцна во рок од седум дена од денот на приемот на опомената. Преку опомената Управата, велат оттаму, уште еднаш ги повикува и потсетува даночните обврзници да ги платат доспеаните, а неплатени даночни обврски.

„Оттука, Управата за јавни приходи, постапувајќи во согласност со Законот и според своите надлежности, опомените до даночните обврзници за доспеаната, а неплатена даночна обврска по основ на данокот за додадена вредност изразена во даночната пријавата за месец март 2025 година ги достави на 6 мај 2025 година. Понатаму, доколку даночниот долг не биде платен и по доставената опомена, Управата за јавни приходи отпочнува постапка за присилна наплата со донесување на Решение за присилна наплата. Проверката на даночната евиденција, изготвувањето и праќањето на Решенијата за присилна наплата до носителите на платен промет е масовен процес кои ги опфаќа сите даночни должници кои не го платиле доспеаниот даночен долг во целост и покрај повиците и потсетувањата на Управата за јавни приходи. Решенијата за присилна наплата за доспеаната, а неплатена даночната обврска искажана во пријавите за ДДВ за месец март 2025 година беа доставени до носителите на платен промет на 23 мај 2025 година“, велат од УЈП.

Во однос на жалбите на фирмите со кои разговараше МКД.мк дека не успеале да најдат заеднички јазик со надлежните во УЈП, од Управата потенцираат дека низ целиот овој процес вработените на Управата за јавни приходи и Контакт Центарот на УЈП се во постојана комуникација со даночните обврзници за поддршка и помош со цел да одговорат на сите прашања кои се однесуваат на даночните закони, вклучително и постапките кои Управата ги презема за доспеаните, а неплатени даночни обврски.

„Управата за јавни приходи апелира сите правни и физички лица доколку имаат забелешки, да реагираат уште при првиот повик, персонализираната порака или опомена, да не чекаат до последен момент да ги почитуваат пропишаните законски рокови и да ги извршуваат даночните обврски навремено, со цел да избегнат дополнителни трошоци и последици, како што се парични такси, камати или блокирање на сметки. Со навремената комуникација и соработката меѓу Управата за јавни приходи и даночните обврзници, процесот може да се одвива ефикасно и без непотребен стрес“, велат од УЈП.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ