„Фактот дека секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавање фискални сметки укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет. Во поширок контекст, овој факт укажува и на користење на неевидентираниот промет за плаќања во готовина меѓу фирми и исплата на плати во плик, практики кои се спротивни на законот и претставуваат облици на сивата економија, создаваат нелојална конкуренција и предизвикуваат загуби за буџетот. Кон поголем број од даночните обврзници кои беа казнети за неиздавање фискални сметки и неевидентиран промет, УЈП испрати персонализирани пораки со повик обврзниците да поднесат исправки на даночните пријави, да го пријават прометот и да го платат данокот. УЈП го следи постапувањето на овие даночни обврзници и најавува дека, доколку не постапат доброволно, ќе следуваат и дополнителни контроли со примена на индиректни методи за утврдување на прикриениот промет и неплатениот данок, се наведува во денешното“ соопштение од УЈП.
Оттаму најавуваат и засилени контроли во пресрет на новогодишните празници во кои ќе бидат опфатени ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други субјекти кои работат со готовински плаќања.
Пред отпочнување со подеталните контроли и изрекувањето на санкциите, Од УЈП велат дека спроведеле обемен процес на советодавни активности и канцелариски анализи со цел да се согледа однесувањето на даночните обврзници и нивото на усогласеност со законските прописи.
До 20 ноември, како што информира УЈП, биле реализирани 3.500 советодавни посети на продавници и угостителски објекти, при што даночните службеници ги информирале обврзниците за најчестите неправилности со цел навремена корекција и нивно усогласување.
Во текот на посетите биле утврдени состојби како фискални апарати кои немаат налепници од овластен сервисер, кај некои се појавувале оштетени пломби, а кај одреден број обврзници било детектирано дека адресата на која е регистриран фискалниот апарат не соодветствува со реалната локација на работењето. Утврдено беше и неуплаќање на дневниот промет во банка, како и неводење книга на дневни финансиски извештаи.
Паралелно со советодавните посети, Управата за јавни приходи спровела детални анализи врз основа на податоците од ГПРС системот, теренските контроли и ДДВ-пријавите. Анализите укажале на состојби кај дел од обврзниците кои континуирано евидентирале низок или идентичен дневен промет, кај други имало отстапки меѓу капацитетот на објектот и пријавениот промет, неусогласеност меѓу прометот евидентиран во фискалните каси и прометот пријавен во ДДВ пријавите и слично.






