Стручните констатации и наодите добиени од спроведените контроли, се вели во соопштението од УЈП, претставуваат основа за постапување на другите надлежни органи.
„Управата за јавни приходи јасно нагласува дека нема компромис кога станува збор за незаконито постапување, злоупотреба или корупција. Овие појави се неприфатливи и целосно спротивни на професионалните и етичките принципи на институцијата. Истовремено, УЈП смета дека во сите постапки мора доследно да се почитува принципот на презумција на невиност, како основна гаранција во правниот поредок“, информираат од УЈП.
Во меѓувреме, додека трае постапката, од УЈП посочуваат дека се преземени навремени и соодветни мерки за обезбедување непречено функционирање на институцијата и стабилност на работните процеси во засегнатата организациона единица. Со тие активности се овозможува континуитет во работењето, заштита на јавниот интерес и зачувување на институционалниот интегритет.
„Управата за јавни приходи останува посветена на владеењето на правото, отчетното и професионално постапување и на заштитата на јавниот интерес. УЈП продолжува да соработува со сите надлежни органи со цел утврдување на одговорност таму каде што постои, но и зачувување на угледот, довербата и интегритетот на институцијата и нејзините вработени“, стои во соопштението од УЈП.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против 20 лица кои се сомничат дека го оштетиле државниот буџет за вкупно 297.733.844 денари. Во обемна акција спроведена на 16 локации низ државата, истражителите со асистенција на МВР заплениле фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати на правни лица.
Истрагата открива дека криминалната група била формирана во текот на 2023 година од страна на српски државјанин, сопственик на две фирми, во соработка со двајца службеници од Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи (УЈП) во Скопје. Во периодот до 2025 година, во шемата биле вклучени и други сопственици и управители на фирми од Скопје и Гевгелија.
Според соопштението на Обвинителството, групата користела неточни податоци во даночните пријави за да избегне плаќање давачки, при што само првоосомничениот затаил над 11 милиони денари. Со директна помош на вработените во УЈП, осомничените сопственици на фирми поднесувале лажни пријави за неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица, со што на буџетот му е нанесена штета од дополнителни 31 милион денари.
Осомничените се товарат и за перење пари во износ од речиси 92 милиони денари. Овие средства биле трансферирани и подигнувани во кеш со цел да се прикрие нивното нелегално потекло. Според Обвинителството, доказите упатуваат дека вработените во УЈП Скопје, од кои дел биле на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба предизвикале вкупна буџетска штета од најмалку 162 милиони денари.






