„Ги повикуваме сите компании кои досега не се вклучиле, а кои развиваат и одржуваат системи за фактурирање, како и компаниите кои користат системи за фактурирање кои можат да ги надградуваат, веднаш да се вклучат во тестирањето. Вклучувањето во оваа фаза е од особено значење за навремена адаптација пред задолжителната имплементација на системот.
Во овој период на тестирање на системот до УЈП пристигнуваат информации дека одредени субјекти нудат обуки и консултантски услуги поврзани со проектот е-фактура. Укажуваме дека исклучиво УЈП дава официјални информации, насоки, известувања и организира обуки поврзани со проектот е-фактура и нагласуваме дека тие субјекти не се дел од проектот. УЈП не презема одговорност за информациите и толкувањата изнесени од истите.
Дополнително, заради поддршка на компаниите во процесот на имплементацијата на системот е-фактура, назначени се и даночни агенти вработени во Управата. Тие веќе контактираат со компаниите и даваат поддршка и совети за вклучување и понатамошно користење на системот е-фактура.
Апелираме сите заинтересирани страни за системот е-Фактура своите прашања и сугестии да ги упатуваат кон [email protected].
Најавуваме дека набрзо ќе биде овозможено тестирање и на рачниот внес на фактури преку веб и клиентска апликација, кои се очекува да ги користат трговците кои издаваат и/или примаат мал број на фактури, кои не користат системи за фактурирање или кои користат системи, но немаат можност за надградба“, соопшти УЈП.






