Во изминатиот период УЈП реализираше низа активности меѓу кои едукативни средби/настани за даночните обврзници од градежниот сектор, со фокус на правилна примена на даночните прописи; во соработка со претставници на Стопанските комори се одржаа консултативни состаноци со цел зајакнување на институционалната соработка и размена на информации; појаснување на одредбите од даночните закони и усогласено работење на компаниите од градежен сектор според регулативите.
„Овие активности претставуваат основа за даночно усогласено работење на обврзниците од овој сектор. Преку овој пристап, Управата за јавни приходи има за цел да се поттикне одговорно однесување на даночните обврзници од градежниот сектор и да се создадат услови за доброволна усогласеност, што е во интерес и на обврзниците и на јавните финансии.
Потсетуваме дека, согласно важечките законски прописи, првиот промет на станови во рок од пет години по изградбата подлежи на оданочување со повластена стапка на ДДВ од 5%. По истекот на пет години, прометот е ослободен од ДДВ, но без право на одбивка на влезниот данок, што подразбира обврска за корекција кај обврзниците кои претходно го одбиле истиот.
Доставени се 318 персонализирани известувања до таргетирани даночни обврзници од градежниот сектор, со кои ги повика да извршат корекција на одбивката на влезниот данок на додадена вредност (ДДВ) во вакви случаи. Оваа мерка има превентивен карактер и овозможува усогласување со законските обврски, со цел избегнување на санкции и дополнителна постапки за контрола.
Паралелно со превентивните мерки, се спроведуваат даночни контроли насочени кон следните утврдени потенцијални ризични состојби: продажба на објекти по истекот на пет години од нивната изградба; договори со нереално ниска продажна вредност; непријавени вработувања и ангажмани; значителни разлики меѓу реалниот обем на изградба и пријавените приходи од продажба; издавање фактури без прибелешки во јавните книги; неправилна примена на механизмот за пренос на даночна обврска (reverse charge).
Целта на овие контроли е откривање и санкционирање на даночни неправилности, заштита на буџетските приходи и обезбедување фер услови за сите учесници на пазарот.
Апелираме до сите градежни компании и инвеститори да ги прегледаат своите финансиски и даночни практики и да обезбедат усогласеност со законските прописи. Доброволното даночно усогласено работење придонесува за фер конкуренција, заштита на буџетот и јавниот интерес, градење доверба во институциите и економскиот систем, подобра деловна репутација и предвидливост во работењето“, соопшти УЈП.






