„Ги повикуваме граѓаните најдоцна до крајот на месец мај да направат увид во генерираните ДЛД-ГДП кои се однесуваат за остварените приходи во 2024 година, а се поставени на нивните кориснички профили на системот „е-Даночни услуги“. Секој кој е регистриран на системот „е-Даночни услуги“ има обврска во својот кориснички профил, најдоцна до 31 мај да ја потврди или да ја коригира годишната даночна пријава доколку е потребно да се направи корекција!
По истекот на овој законски рок потврдените и годишните даночни пријави кои не се потврдени ниту се коригирани ќе се сметаат за конечни, додека коригираните даночни пријави ќе треба да се одобрат од страна на службено лице од Управата за јавни приходи. Доколку службеното лице не ја одобри коригираната даночна пријава, Управата за јавни приходи ќе донесе решение за утврдување на данокот на личен доход за 2024 година.
Кај обврзниците во чија ДЛД-ГДП се појавува обврска за доплата на данок, по истекот на рокот за потврдување и коригирање, ќе се генерира налог за доплата со фолио број и истиот ќе биде содржан на третата страна во печатењето на даночна пријава (PDF документот). Обврзниците во чија ДЛД-ГДП се појавува повеќе платен данок, имаат можност во самата пријава да искажат барање за враќање на данокот.
Управата за јавни приходи, апелира до граѓаните кои оствариле доход во земјава или странство во вид на пари, хартии од вредност, натура или друг вид на доход и сèуште не се регистрирани на системот е-Даночни услуги, за да ги исполнат своите обврски за пријавување и плаќање на данок, истото да го сторат во најкраток можен рок.
За дополнителни информации околу исполнувањето на обврските за пријавување на доход, плаќање и враќање на данок можете да се обратите на info@ujp.gov.mk, или на некој од контакт телефоните во контакт центарот 02 3253 200 или на 0800 33 000 само од фиксни оператори“, се вели во известувањето на УЈП.