„И покрај тоа што го имаме платено ДДВ-то, од нашето сметководствено биро бевме информирани дека во понеделникот сметката на фирмата ни е блокирана. Крај на месец е, треба да изготвиме пресметка на плати, а не можеме“, сведочат извори на МКД.мк.
Како што велат тие, направиле сѐ да се одблокираат сметките, но засега епилог нема.
„Обидите на сметководителите да се надмине ова недоразбирање со службеници на УЈП заврши неуспешно. Се обративме и на други адреси, но и од таму немаме одговор. Праќаме мејлови, на мобилен не одговараат…“, велат нашите соговорници.
МКД.мк рано утрото денеска испрати прашања до Управата за јавни приходи за причината за ваквото недоразбирање, на колку фирми им се блокирани сметките, кога ќе бидат одблокирани и кој ќе ги плати казните од банките за одблокирање на сметките. Сепак, до објавувањето на овој текст одговор од УЈП не добивме, а одговор немаат ниту фирмите чии сметки се блокирани, а со кои разговараше МКД.мк.