Поради топлотниот бран што ја зафати земјава, Владата одлучи бремените жени и лицата над 60 години до четврток да бидат ослободени од работа.
Од Институтот за јавно здравје препорачуваат граѓаните во овие екстремно топли денови со себе да носат шише вода, да имаат лесна, светла и комотна облека, да се тушираат со посвежа или млака вода кога чувствуваат дека им е топло, да се носи капа, шешир или чадор за заштита, доволно да се спие, да се јаде овошје и салати, да се избегнуваат алкохол, кафе, чај, како и топла, зачинета и солена храна што може да дехидрира.
Надлежните советуваат активностите на отворено да се спроведуваат пред 11 и по 17 часот. При престој на отворено, да се биде во сенка. Доколку се престојува во затворен простор со вклучено ладење од клима-уред, препорачливо е да се исклучи климата барем половина час пред да се излезе надвор на топло.
На работодавачите им се препорачува да ги реорганизираат работните активности за да се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 до 17 часот, а на градинките да не се изнесуваат децата надвор во тој период од денот.






