„За да се заобиколи законот, извршена е промена на намената на простории од училници во технички простории. Доградбата и надградбата се изградени на диво“, тврдат дел од родителите чии деца учат во ова училиште.
Иако засегантите родители не се сомневаат во незаконски спроведена постапка сепак, неофицијално, извори на МКД.мк велат дека во првата фаза од градежните работи доградени се четири училници, а во втората уште две. Според двата договори за градба склучени во 2023 и 2024 година, за овој проект договорена е вкупна сума од околу 735.000 евра.
Од Општина Центар појаснуваат дека проектот за доградба на основното училиште (ООУ) Коле Неделковские е изработен во јули месец 2021 година година, а одобрението за доградба е издадено по основниот проект и е во целост во согласнот со законите и деталниот урбанистички план (ДУП).
„Во текот на градбата, издадено е решение за измени во текот на градба, со кое согласно Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, е одобрена дополнителна квадратура, вклопена во бруто изградената површина на градежната парцела. Согласно цитираниот правилник, апсолутно е дозволено да се предвидат технички простории. Со тоа законски се дозволуваат дополнителни површини во функција на учениците, наставниот кадар и на училиштето. Овие измени во тек на градба се издадени затоа што раководството на училиштето предочи дека се потребни дополнителни простории, со една единствена цел, а тоа е сите ученици од училиштето да учат во иста смена“, појаснуваат од Општина Центар за МКД.мк.
Што се однесува до статиката и безбедноста на објектот, од општината велат дека се обезбедени сите потребни согласности и мислења.
„По обезбедување на сите потребни согласности и мислења, пред сѐ во поглед на статитиката на објектот, измените во тек на градба се одобрени. Градбата е целосно изведена согласно градежно-техничката документација, што е потврдено со извештајот од надзорниот инженер. Со тоа апсолутно е загарантирана сигурноста и безбедноста на објектот и учениците и наставниците кои учат и работат во истиот“, велат од Општина Центар.
Изворите на МКД.мк уште прашуваат како може технички простории да бидат училници кога тие не се сметаат за корисни површини и како може, ако доградбата се градела во 2023 и 2024 година, извештајот од надзорот да биде со датум 20 август 2025 година?
Од Општина Центар за МКД.мк објаснуваат дека причина за тоа е што доградбата е градена во две фази.
„На 1 септември 2024 година беа пуштени во употреба првите четири училници. Оваа фаза беше завршена на 22.8.2024 година со тоа што при надзорот, на 6.8.2024 година надлежните доставија забелешки кои требаше да бидат отстранети. Тоа и беше направено токму на 22.8.2024 година по што првиот дел од доградбата беше пуштен во уптреба. Вториот дел, односно двете технички училници беа пуштени годинава, а по претходно извршен технички прием и издаден извештај од надзорот со датум од 20.8.2025“, велат од Општина Центар.
Прашањето за градба во Општина Центар не е одминато ниту во изборната кампања. Движењето ЗНАМ вчера праша дали кандидатите за советници имаат право да градат без одобрение за градба?
Од партијата прашуваат дали додека сите граѓани мора да ги почитуваат сите процедури за добивање одобрение за градба, имаат ли кандидатите за советници од СДСМ таква обврска? Како пример го посочија Газменд Максимовски, вработен во Oпштина Центар со договор на дело и кандидат за советник во општината. Оттаму тврдат дека Максимовски гради објект на улица Самоилова.
„Дали со ова градоначалникот во заминување, кој поднесуваше иницијативи до ЗЕЛС за измена на Законот за градење и за запленување на дивоградбите, покажува дека правел само евтин пи-ар и реклама, а самитот тој не го почитува законот“, прашаа вчера од ЗНАМ.






