четврток, 19 март 2026

Ученичките од наградениот филм за македонскиот рубин на средба со Божиновска

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска остварила средба со ученичките од трета година од гимназијата „Ѓорѓи Димитров“ во Скопје, кои со својот труд и креативност постигнале значаен успех на национално ниво. Станува збор за Марија Ташевска, Јасемин Демировска и Ангела Ристовска, заедно со нивната професорка Марина Иванова, кои во рамките на предметот Говорење и пишување изработиле документарен филм посветен на македонскиот рубин – тема што отвора важни прашања за природните и минералните богатства на нашата земја, информираа утрово од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Објавено на

часот

Сподели

Нивниот филм беше претставен на државниот фестивал за непрофесионален филм, во организација на Народната техника, каде што во конкуренција на 40-ина филма освоија сребрена награда.

Министерката Божиновска ја поздрави нивната иницијатива истакнувајќи дека ваквите примери го покажуваат потенцијалот на младите да ги истражуваат и афирмираат вредностите на сопствената земја. Таа нагласи дека македонскиот рубин претставува дел од националниот идентитет и значајно природно богатство.

„Особено ме радува што младите избираат да зборуваат за теми што се директно поврзани со нашите природни ресурси и богатства. Македонскиот рубин не е само минерал – тој е дел од нашиот идентитет и вистинско богатство. Ваквите иницијативи треба да се поттикнуваат и поддржуваат бидејќи знаењето и свесноста почнуваат токму од младите генерации“, истакна Божиновска.

На средбата била нагласена потребата од поголема едукација и вклученост на младите во теми поврзани со енергетиката, рударството и одржливото користење на природните ресурси, како и важноста од нивно активно учество во градењето идни политики.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини потенцира дека останува отворено за поддршка на вакви иницијативи, кои не само што ја промовираат креативноста туку и ја јакнат свеста за вредностите што ги поседува нашата земја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ