недела, 14 декември 2025

Убиецот на Росица претходно бил пријавуван во полиција и од други девојки

Не била само Росица од Велес чиј живот го оконча нејзиниот поранешен љубовник Илија Стефановски жртва на неговото психолошко малтретирање и посесивно-контролирачки модус операнди. Познатиот „урбан лик“ од Скопје ги малтретирал и демнел и другите девојки со кои бил во врска и кои мака мачеле да стават крај на врските со него.

Објавено на

часот

Сподели

„Слободен печат“ обезбеди сведоштво од една од девојките која едвај се отарасила од него откако решила дека сака крај на врската и уште во 2013 и 2014 година го пријавувала во полиција. Начинот на кој Илија Стефановски се однесувал кон неа има сличности со оној на кој се однесувал со Росица до степен на заледување на крвта. Со Илија таа била во врска година и половина, но кога кажала „не“, тоа не било прифатено од негова страна. Постојано ѝ ѕвонел, ѝ пишувал, се појавувал на местата каде што се движела, ѝ истурал пијачки.

Имаше драматични испади дека „ќе се убие“ ако не бидеме пак заедно – го почнува девојката сведоштвото чиј идентитет ѝ е познат на нашата редакција, но на нејзино барање го заштитивме.

Оваа девојка првпат го пријавила во полиција сега веќе мртвиот убиец уште во 2013 година, кога ѝ го одзел телефонот и во нејзино име пишувал мејлови со цел да ѝ наштети, а во целата драматична ситуација се заканил дека ќе ја убие сестра ѝ.

„Јас тие закани по живот ги пријавив во полиција, го исконтактираа оттаму и ми го врати телефонот. Во тие неколку часа тој се претставил со мое име и праќал мејлови за да ми го уништи професионалниот развој“, раскажува девојката.

Сепак, малтретирањето не престанало – кога веќе не „палело“ постојаното пишување, демнење, одземањето на телефонот… осамнале графити низ Скопје со нејзиното име и презиме и зборот „курва“, но и со имиња и презимиња и навреди за нејзини блиски.

По сето ова, девојката завршила во болница со дупната глава, но до ден-денеска не ѝ е јасно и не може да тврди дека токму Стефановски бил тој што една јануарска вечер во 2014 година ја удрил силно по главата и избегал. Таа била излезена со другарките и кога се враќала дома некој ја удрил силно по главата, ѝ ја украл ташната и избегал. Од силниот удар завршила во болница на шиење на главата, а полицијата не успеала да го лоцира напаѓачот.

Во полиција го споменала неговото име, дека тој би имал мотив за нешто такво, но до денеска не ѝ е јасно и полицијата не утврдила кој ја нападнал таа вечер, кога добила удар којшто можел да биде и смртоносен. Од денешна перспектива овој случај за неа добива друг контекст и не знае дали навистина бил тој или е некаква „луда случајност“.

Кога девојката изгубила интерес за него, почнала нејзината голгота. Во полиција негирал сè што ќе кажела таа и го тврдел спротивното – дека „таа е љубоморна, а тој си има девојка“. Со други зборови, вршел проекција и ја обвинувал неа за работите што ѝ ги правел. Кога се проширила веста за двојното убиство и самоубиство, на девојката што се согласи да разговара со „Слободен печат“ ѝ дошло на мисла дека можеби жртвите се нејзини блиски, зашто и кон нив Илија се заканувал на начин како што се заканувал кон таткото на Росица.

„По 13 години потсвесно ми беше очекувано дека вакво нешто ќе се случи. Го паметам тоа чувство кога нема каде да избегаш, немаш никаков излез. Полицијата сметам дека не е обучена, го гледа случајот изолирано, а не во поширок контекст и перспектива“, споделува таа за „Слободен печат“.

Во ова нејзино сведоштво најверојатно ќе се пронајдат и други девојки кои со големи трауми и без никаква заштита спасиле жива глава. Полицијата трет ден не одговара на барањето на „Слободен печат“ за сите пријави коишто тие не ги процесуирале до Обвинителството, а кои низ годините биле поднесувани од различни девојки за Стефановски. На социјалните мрежи во статуси уште од 2019 година постојат сведоштва за насилното поведение и застрашувањето што Стефановски го вршел кон жените што повеќе не сакале да бидат со него.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права за „Слободен печат“ денеска изјавија дека имаат информации за најмалку четири девојки кои го пријавувале Илија Стефановски во полиција уште од 2013 година наваму – дека им се заканувал, дека ги следел, ги малтретирал, за нив пишувал навредливи омаловажувачки графити на јавни места и дека не можеле да му раскинат и да го остават бидејќи тој не прифаќал. Некои од нив, тврдат извори во Хелсиншкиот комитет – го пријавувале во полиција повеќе пати.

Има пријави од 2013, 2017 и 2019 година според информациите што им биле дадени од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ