„Синоќа полициски службеници од СВР Струмица го лишија од слобода А.Н. поради сомнение за сторено кривично дело. Во координација со ОЈО Струмица се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат кусо од МВР.
Според неофицијални информации, лицето кое е уапсено е поранешен возач и телохранител на поранешниот премиер Зоран Заев.
Веднаш по објавата на информацијата, со реакција се огласи ВМРО-ДПМНЕ. На денешна прес-конференција, пратеникот и член на Извршниот комитет на партијата, Миле Лефков, изјави дека станува збор за „шоферот на Заев“, кој, според него, бил фатен при подметнување на пожар во близина на браната Водоча во Струмица.
„Фактот што шоферот на Заев ги подметнувал пожарите отвора сериозни прашања – каква е вмешаноста на неговото најблиско политичко и лично опкружување? Дали има организирана група во СДС за палење пожари и создавање хаос?“, праша Лефков.
Тој додаде дека ова, според ВМРО-ДПМНЕ, е доказ дека дел од пожарите што ја зафатија земјата не се последица на природни фактори, туку „смислено сценарио на СДС“ со цел да се предизвика нестабилност и да се компромитираат институциите.
„Очекуваме истрагата да оди до крај и правдата да биде еднаква за сите. Ако некој мисли дека ќе се извлече поради блискост со некогашни функционери, се лаже. Одговорност мора да има – и за извршителите, и за политичките ментори“, порача Лефков.
Од МВР засега не откриваат детали за идентитетот на уапсеното лице.






