Фехми Стафа во јавноста е познат по случајот со хонорарите на презентерката Бесмира Ејупи, како и по скандалот со конфискацијата на имотот на бизнисменот Сеад Кочан.
Во случајот со Ејупи, Државното правобранителство исплатило 247.658 денари за нејзин ангажман од април 2021 до февруари 2022. Од Антикорупциската комисија тогаш посочија дека таа добивала хонорари за непостоечки работни позиции.
Стафа, пак, за неуспехот на државата да конфискува 17 милиони евра од Кочан ги посочи обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски. Тој поднесе кривична пријава за неуспешната конфискација на имотот на фирмата на Кочан, трансмет, против Бубевски и Ајро, како и кривична пријава против тогашниот директор на Финансиската полиција, Арафат Муареми.
Стафа дипломирал на Правниот факултет на државниот универзитет во Тетово, а моментално е магистрант на Универзитетот ФОН, отсек казнено право.
Кариерата ја започнал во 2005 година во Основниот суд Скопје 2, каде работел до 2009 година. Потоа, една година работел во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, а од 2010 до 2018 година бил вработен во Основниот суд Скопје 1.
Има положено правосуден и нотарски испит, а за државен правобранител беше именуван во август 2018 година.






