сабота, 12 јули 2025

Уапсен е човекот кој го фрлил пиштолот со кој се тврди дека Палевски ги убил Вања и Панче

Јавното обвинителство ги потврди информациите на новинарите дека е уапсен извесен З.Д. вработен во Народна банка, човекот за кој Велибор Манев еден од обвинетите за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, денеска во завршните зборови кажа добил наредба од Љупчо Палевски „да се ослободи од ранецот“ во кој се наоѓал пиштолот како и моторолите преку кои обвинетите комуницирале.

Објавено на

часот

Сподели

Од Јавното обвинителство уште информираа дека покрај апесењето на З.Д., по наредба на надлежниот јавен обвинител се преземаат и други дејствија.

Обвинетиот Велибор Манев на денешното судско рочиште во Основниот кривичен суд Скопје за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, го откри идентитетот на човекот кој добило задача од Палевски да го земе и да го уништи или скрие синиот ранец каде бил пиштолот и моторолите користени во двете убиства.

„Ова е последната коцка од сложувалката. Ранецот е кај член на Десна, вработен како техничко лице во Народна банка, дознав кога Палевски ми се јави од турската граница и ми кажа да му се јавам на Зоран, за тоа што го зел од канцеларијата, како што се изрази Палевски „пакетот“, да го отстрани од кај него, да го фрли или да го уништи, да не може да се најде. После тоа морав да го известам Палевски дека сум се јавил и сум ја пренел пораката. Тоа е сѐ за фамозниот ранец и за тоа дека лажам за ранецот, иако го има на камери“, рече Манев.

Во својот завршен збор го повтори својот исказ даден претходно пред Судот во врска со двата кривично правни настани нагласувајќи дека одлучил уште од самиот почеток на судењето да ја зборува вистината „без разлика колкава казна би добил“.

„Од сите презентирани докази не негирав, туку и на нејасни снимки потврдував и признавав присутност. Не порекнував ништо што сторив и направив, не дообјаснував работи сѐ со цел судот да добие јасна слика за настаните што се случија. Се надевам дека Судот ќе ја цени мојата искреност за разлика од ОЈО кое упорно работи да нѐ прикаже како планери на убиството. Јасно кажав дека немам поим, ниту сознанија дека Палевски планира да убива. Зар би копал три метри дупка и би ја маскирал и покривал со таваници како влезна врата кога би знаел дека грабнатото лице треба да се убие? Не, туку би ископал обичен гроб“, рече Манев.

Нагласи дека Јавното обвинителство настојува дека бил остварен контакт со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски и дека, наводно, од него знаеле за времето кога излегува Вања, иако никој од обвинетите не го познавал Александар, ниту пак, тој нив. За него, рече, првпат слушнал во полициска станица.

„Немаат доказ дека таткото контактирал со Палевски. Јас лично не го познавам, а и тој самиот кажа дека не ме познава. Како дадов изјава дека се слушале, веќе ви кажав, со ќотек. Се прашувам каков интерес би имал да го бранам Сашо со мојот исказ, а за него прв пат слушнав во полициска станица. Некој овде лаже“, рече Манев.

Во завршниот збор, Манев нагласи дека по извршените убиства од страна на Палевски сфатил дека тој имал двоен план и затоа, како што рече, ги зачувал снимките од неговиот ресивер.

„Откако ги изврши убиствата, ми стана јасно, но многу доцна сфатив дека имал двоен план, па затоа ги зачував снимките од мојот ресивер. Можев да ги избришам снимките и можев да ги исклучам камерите. Но, со тоа ќе му дадев алиби на Палевски, а според неговото кажување, виновници за убиството ќе бевме јас и Боре. Но, ние не направивме убиство, а јас лично немав ни мисла ни намера за убиство“, рече Манев.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ