Откако Црна Гора почна да воведува визи за турските граѓани, Турците ја променија својата дестинација, пишуваа неодамна турските медиуми. Министерството за внатрешни работи на Црна Гора информира дека од 27 октомври до 26 ноември, Црна Гора ја напуштиле 8.935 турски државјани.
„По забраната за визи во Црна Гора, Северна Македонија стана популарна дестинација за турските граѓани. Ниските трошоци за живот, леснотијата за основање компанија и релативно прифатливите дозволи за престој го поттикнуваат овој интерес. По одлуката на Црна Гора да бара визи за турските граѓани од октомври 2025 година, миграциските патишта на Балканот се преобликувани“, објави неодамна турскиот портал Onedio.com.
Оттаму се повикуваат на „извештајот на Садик Шимшек од ‘Скопје њуз’“, во кој се наведува дека Македонија сега е најатрактивната опција, особено за Турците кои сакаат да основаат компанија или да добијат престој или постојан престој.
„Турските граѓани можат да влезат во земјата без виза до 90 дена со пасош. Благодарение на ниските трошоци и брзото време на обработка, многу турски претприемачи отвораат компании во земјата. Трошоците за кирија, храна и превоз се пониски отколку во Турција. Иако не е членка на Европската Унија, Северна Македонија има стратешка локација на Балканот“, се наведува во написот на Onedio.com.
Македонија е новото Елдорадо за Турците
Лани во просек речии две фирми дневно се регитрирани од сопственици државјани на Турција, покажа анализата на Бизнис мрежа објавена во август годинава.
Резултатите од анализата покажуваат дека од 1 август 2024 до 1 август 2025 година во Македонија биле регистрирани 7.135 нови фирми, а 632 од нив се на сопственици од Турција. Тоа значи дека во овој период приближно по 595 фирми биле регистрирани месечно или по отприлика 20 дневно.
Според анализата, најголем дел од нив се компании регистрирани како трговски друштва. Во бројката се вклучени и занаетчии, здруженија, фондации, организации и други форми на правни лица. Најмногу фирми се основани во дејноста трговија на мало или 812 фирми што значи дека секоја деветта фирма е продавница. Следи подготовка и послужување храна, 678 фирми односно секоја десетта нова фирма е ресторан, кафиќ, а тука е и трговијата на големо односно 573 фирми. Следуваат организации врз база на зачленување, 511, копнениот транспорт, 430 и трговијатата на мало и големо каде биле регистрирани 1.385 нови субјекти, што значи дека речиси секоја петта нова компанија е во трговија. Според регистрираните сопственици, 83,5 отсто се сопственици од Македонија, а 16,5 отсто се странски сопственици. Тоа значи дека речиси секоја шеста нова регистрација има странски капитал и тоа од основачи кои се физички или правни лица од странство.
Од странските држави водечки инвеститор е Турција со 632 нови регистрирани фирми или секоја единаесетта новооснована фирма има турски сопственик. Следат Србија со 80 фирми, Косово со 60 и Италија со 36 фирми.
„Турција има 3,6 пати повеќе регистрирани фирми од Србија, Косово и Италија заедно. Овие податоци не се само статистика, тие се мрежа на можности. Знаете во кои сектори растот е најбрз, кои држави вложуваат најмногу и каде пазарот веќе се движи. Интересно е што секоја единаесетта нова фирма во Македонија е во сопственост на компании или граѓани на Турција.
Се поставува прашањето што гледаат турските инвеститори овде што можеби ние не го гледаме? Пазар во раст? Поволни услови? Стратешка позиција? Или нешто сосема друго? Што мислите?“, напиша Огнен Огненоски на својот Линкдин профил по објавувањето на анализата.
Медалот секогаш има две страни
Добрите трговски односи со Турција ги засенуваат сѐ почестите извештаи на полицијата во кои како сторители на кривични дела се токму турски државјани. Од нарушување на јавен ред и мир, сообраќајни незгоди, кражби, напади, шверц, уцени, па, сѐ до убиства. Како што се зголемува присуството на турски државјани во земјава, така зачестуваат полициските извештаи во кои како сторители на кривични дела се токму турски државјани. Речиси да нема ден, а во полицискиот билтен да не биде регистриран настан во кој учесници се државјани на Турција.
Според последните податоци на Министерството за внатрешни работи (МВР) кои ги озбезбеди МКД.мк, во периодот јануари-септември 2025 година, регистрирани се вкупно 78 кривични дела за што мерки на кривичен прогон се преземени против 89 турски државјани.
„Во истиот период, турските државјани во најголем дел се пријавени како сторители на кривични дела фалсификување исправа и тоа 32 кривични дела и за загрозување на безбедноста во сообраќајот, 13 кривични дела“, велат од МВР за МКД.мк.
Статистиката на МВР покажува дека од јануари до октомври 2025 година, според Закон за странци поднесени се вкупно 506 прекршочни пријави против турски државјани, 41 пријава за спротивно издадена дозвола за престој, 222 турски државјани го пречекориле дозволениот период за престој во Македонија, 143 од нив незакoнски живееле во земјата, 68 не пријавиле адреса на престој, а поднесени се и 32 пријави за други прекршоци против турски државјани. Од МВР немаат точна бројка колку турски државјани незаконски престојуваат во Македонија. Евиденција за тоа е возможна само ако истите сакаат да излезат од земјава и притоа д бидат фатени од полицијата. Неофицијално само во неомври уапсени се седуммина Турци кај кои била пронајдена дрога. Шестмина од нив биле без регулиран статус, а само еден од нив имал статус на студент.
Сепак, најсериозниот инцидент беше убиството на турски државјанин во полно кафуле во центарот на Штип на почетокот на мај годинава. Беше убиен Енес Оздемир, студент на стоматологија, а осомничениот убиец е исто така Турчин кој во Македонија имал статус на турист.
На почетокот на октомври, јавното обвинителство поднесе обвинение против петмина осомничени.
„Еден од обвинетите се товари за директно извршување на кривичното дело убиство, како и за неовластено држење на оружјето со кое било извршено убиството. Тројца од обвинетите му помогнале да го изврши кривичното дело и ќе одговараат за убиство во врска со членот 24, додека една обвинета се товари за помагање на сторителот по извршување на тешкото кривично дело. Првообвинетиот 21- годишник без регулиран престој во државава, на почетокот на мај од непознато лице во Скопје, неовластено купил полуавтоматско огнено оружје – пиштол со избришани податоци за модел и сериски број. Преку мобилни апликации се договорил со оштетениот на 8 мај да се сретнат во кафе бар во центарот на Штип, седнале на една од масите во аголот од летната тераса на кафе барот и разговарале околу 15 минути. Во еден момент обвинетиот отишол до тоалетот и веднаш се вратил, го извадил пиштолот и започнал да пука кон оштетениот, нанесувајќи му шест огнострелни повреди од кои починал“, соопшти тогаш Јавното обвинителство.
Почетокот на судењето за убиството на Оздемир е закажано за денеска во Основниот суд во Штип.
Олеснетото регулирање на статусот ризик по државата
Додека Црна Гора воведе визи, Македонија неодамна го олесни процесот за издавање дозвола за престој на странци вклучително и Турците во државава. Имено, кривичната и казнената евиденција за странски државјани наместо преку основните судови сега ќе се проверува директно преку Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Кривичниот суд ги известува странските државјани кои престојуваат во Македонија дека, согласно новите процедури, проверките за казнена и кривична евиденција неопходни за регулирање на престој, повеќе нема да се вршат преку судовите, туку директно од страна на Министерството за внатрешни работи. Имено, странските државјани не треба повеќе самостојно да обезбедуваат потврди од судовите. Проверките по однос на казнена и кривична евиденција ќе ги врши МВР по службена должност во рамки на постапката за одобрување или продолжување на престојот. Со оваа измена се овозможува побрзо и поедноставно спроведување на постапките за регулирање на престојот на странските државјани, при што се скратува времето потребно за прибавување на потребната документација“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје на крајот на октомври годинава.
Дополнително, Македонија ги олесна условите за добивање државјанство со последните измени на Законот за државјанство. Според законот, сега странец што сака да се стекне со македонско државјнаство по пат на природување, меѓу другото не мора да го знае македонскиот јазик, а ако има претци од Македонија кои што се иселиле во матичната земја, во случајов во Турција и не се вратиле назад, и тие странци имаат право да добијат македонско државјнаство. Исто така, за нив не важи ниту правилото дека е потребно странецот што бара македонско државјанство постојано да живее во Македонија најмалку седум години.
„Иселеник од Република Северна Македонија, како и негов потомок до прво колено, може со природување да стекне државјанство на Република Северна Македонија иако не ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 2, 6 и 10 на овој закон. Иселеник, во смисла на овој закон, се смета граѓанин на Република Северна Македонија кој се иселил од Република Северна Македонија во друга држава, без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“, се наведува во Законот за државјанство.
Последиве години официјални турски претставници при средби со македонски функционери, отворено се залагаат за забрзано издавање на државјанства на нивни граѓани.
Така на почетокот на годинава на средба со македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, претседателот на Комисијата за надворешна политика на Големото национално собрание на Турција, Фуат Октај укажа на „големиот број Турци со македонско потекло кои сакаат да добијат македонско државјнство.
„Фуат Октај укажа на големиот интерес на бројни турски граѓани со македонско потекло за побрзо добивање на македонско државјанство. Исто така, во областа на туризмот тие гледаат отворен простор за поголема соработка“, соопштија тогаш од кабинетот на Сиљановска Давкова.
Искра Опетческа






