„Александар Ѓорчевски преку мене како негов бранител денеска реагираше во текот на исказот на обвинетиот Љупчо Палевски поради тоа што смета дека во неколку наврати, на неколку изминати судења, обвинетиот Палевски се обидува злонамерно да се спомнува неговото име во контекст на наводната одбрана. Александар со право реагира особено по изнесените анализи, наводи и тези од Палевски, зошто би ја убиле Вања кога логично било да ја убијат Зорица, премногу тези и анализи за човек што за себе тврди дека во критичното време ниту учествувал ниту ги извршил убиствата. Ова особено што Александар од сето она што досега го видел и слушнал во судница има изградено свој став и мислење како за обвинетиот Палевски, така и за другите обвинети по однос на убиството на Вања, во судницата кажа дека ниту еден од обвинетите не изразил ниту жалење ниту каење туку само разочараност од нивниот т.н. ‘цар’. Факт е дека ниту еден од обвинетите, кои не го негираа своето учество во убиствата, не се исправи пред таткото на Вања во судницата за да изрази каење, туку грчевито се обидуваат да го оправдаат своето учество во настаните на начин дека немале избор и биле под закани“, изјави пред новинарите Туфегџиќ откако судот не му дозоволи ниту нему ниту на обвинетиот Александар Ѓорчевски, официјално на записник да реагираат на споменувањето на името на Александар од страна на првообвинетиот Љупчо Палевски.
Во врска со реакцијата на Ѓорчевски, а одговарајќи на прашањата на неговиот адвокат, Љупчо Палевски кажа дека не е точно тврдењето на обвинетиот Велибор Манев дека Вања Ѓорчевска е грабната по грешка и дека тој му покажувал слики од друга жена.
„Не е точно ова тврдење на Манев. Не сум ја сликал ниту покажувал Вања, затоа што не знаев дека постои тоа дете. Сликите што ги спомннува Манев би требало да му помагаат во неговите намери и она што го направил. Интересно е што овие околности, сликање на жртвата, се појавуваат во вториот негов исказ на 6.12.2023 година, кога го посочува таткото на убиеното дете со име и презиме, а на 3.12.2023 година, претходно, дава изјава дека јас сум ги знаел родителите. Затоа тврдам дека ќотекот од две недели не е случаен и не е измислено само лажното тврдење дека Александар ми давал информации, туку и сите останати тврдења на Манев и на Кешишев се последица од квалитетен ќотек и потребите на Обвинителството да ме произведат во монструм, како што ме нарекувал Дејан Димовски на 3.12.2023 година, кога го лишувал од слобода Александар Ѓорчевски. Како и сѐ останато, оваа истрага е со ‘ти реков, ми рече’, и затоа очајно се темели целава оваа нарачана пресуда на едно фалсификат видео и два трагично смешни искази што наводно го потвдуваат видеото“, рече Палевски.
Тој пред судот негираше дека давал инструкции како да се грабне Вања Ѓорчевска.
„Не е точно дека сум сликал, планирал. Ќотекот продолжува и по 3.12.2023 година, кога Велибор Манев го посочил Александар Ѓорчевски. Ќотекот продолжил и во наредните две недели, според исказите на сите обвинети. И покрај тоа што го посочил Александар, ќотекот продолжил и за местото на настанот викан Дупки и за тоа дека јас сум пукал. Но денес е нејасно дали полицијата го носела Влатко Кешишев на местото на настанот викан Дупки или Кешишев ја однесе полицијата. Во обвинителниот акт пишува дека по претходни инструкции обвинетите тргнале да возат кон Качанички пат до надвозникот кај Визбегово. Не е точно. Обвинетите Манев и Кешишев во исказите пред ОЈО и на 3.12, и на 4.12 и на 15.12.2023 година кажуваат сосема други работи, дека и претходно биле на местото на настанот. Ако е точно тврдењето, а не е, немало потреба да давам инструкции. Ова обвинение е без ниту еден доказ, освен исказите дадени во првата недела од истрагата, врз кои е изведен овој обвинителен акт. Не сум бил на местото на настанот викано Дупки и не сум пукал во Вања Ѓорчевска“, рече Палевски.
Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешкиот пензионер Панче Жежовски со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило ситроен за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжува на 28 април со вкрстени прашања од Обвинителството и одбраната на останатите обвинети.
И.О.