Туфегџиќ посочи дека јавноста има право да знае дали вмешувањето на таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски било обид за дефокусирање од она што требало да биде предмет на истрагата, односно зошто институциите и одговорните лица не спречиле ниту предвиделе сериозен криминален план за киднапирање на луѓе кој обвинетите го планирале уште од 2022 година, согласно изјавата на обвинетиот Велибор Манев.
„Мислам дека е ред и Јавното обвинителство и началникот за сериозен криминал Дејан Димовски, и Музафер Кариќиќ, и сите лица кои учествуваа во истрагата против Александар да дадат одговор. Вклучително и Службата за државна безбедност – зошто овие лица не беа детектирани навреме? Ова се прашања на кои јавноста заслужува одговор, за да бидеме сигурни дека утре вакво нешто нема да му се случи на некој друг родител кој, не дај боже, ќе изгуби дете и ќе заврши во притвор“, потенцира адвокатот.
Туфегџиќ истакна дека неговиот клиент во моментов не размислува за поднесување кривични пријави, но додаде дека останува простор за правна анализа на целата постапка.
Тој го опиша Јавното обвинителство како „потполно конфузно“, особено по денешниот предлог за куќен притвор по ослободителната пресуда за Ѓорчевски, нешто што, како што рече, законот не го дозволува.
„Почитуван суде јас сум навистина затечен бидејќи едниот едниот застапник на обвинението предложи да се продолжи мерката куќен притвор, а истовремено другиот застапник на обвинението да се постапи согласно законот во случај на донесување на ослободителна пресуда, а тоа е судот да ј а укине мерката куќен притвор“, рече Туфегџиќ пред судот.
На останатите четворица обвинети Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев судот им изрече казна доживотен затвор.
По образложување на делата за кои беа обвинети Палевски, Манев, Видевски и Кешишев и настаните од грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, судечкиот судија Ивица Стефановски на четворицата обвинети им изрече единствена казна доживотен затвор, додека Александар Ѓорчевски, таткото на Вања посочи дека се ослободува од обвинение.
„Судот на обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Љупчо Палевски за кривичното дело грабнување им утврдува казна затвор од по 10 години, а за кривичните дела убиства на секој од обвинетите поединечно им утврдува казна затвор доживотен затвор, со што им се утврдува единствена казна доживотен затвор, образложи судијата Стефановски при денешната објава на пресудата во Основен кривичен суд Скопје. Александар Ѓорчевски, пак, се ослободува бидејќи Јавното обвинителство не докажа надвор од разумно сомневање дека го сторил делото“.
Со оглед на тоа што оваа пресуда не е правосилна и обвинетите како и обвинителството имаат право на жалба, Јавното обвинителство побара на четворицата обвинети, да им се продолжи мерката притвор, а за Александар Ѓорчевски со оглед дека доби ослободителна пресуда куќниот притвор да му биде укинат.
Судот го прифати барањето на обвинителството и одлучи мерката притвор спрема четворицата обвинетите осудени на доживотен затвор да им биде продолжена до правосилноста на пресудата, додека на Александар Ѓорчевски му ја укина мерката куќен притвор што значи дека откако Ѓорчевски ќе го прими решението на судот тој ќе биде слободен човек.
Што се однесува до оштетните побраувања што ги најавија Зорица и Миња Ѓорчевски, мајка и сестра на убиената Вања, како и на семејството на Александар Ѓорчевски, судот ги упати своето право да го бараат во друга, граѓанска постапка.
Во обвинението за двојното убиство пишува дека обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.