четврток, 12 јуни 2025

Трпчески: Светите Кирил и Методиј се наша одговорност како треба да продолжиме во иднина

Пијанистот Симон Трпчески, кој синоќа одржа концерт во Хорти Салустијани во Рим, во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, изјави дека од исклучителна важност е што Македонија секоја година се труди да биде присутна, да ги чествува просветителите и да покаже огромна почит за една од базичните работи – описменувањето. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која синоќа присуствуваше на концертот изјави дека никој нема да ја заборави таа вечер и дека тоа е уште една потврда за моќта на културната дипломатија.

Објавено на

часот

Сподели

„Многу ми е мило, ова ми е третпат како сум дел од оваа манифестација, веќе помина доста долго време од последниот пат, тоа беше со претседателот Борис Трајковски. Почестен сум за поканата и од државата и од Министерството за култура што имам повторно можност да ја претставам Македонија на една ваква важна манифестација“, изјави Трпчески.

Тој додаде дека сесловенските просветители ширеле исклучително значајна благородна мисија онака, како што рече, „како што и музиката тоа го прави“.

„Ние сме држава од каде што практично започнало описменувањето. Така што, од тој аспект, одговорноста е голема. Секоја година државата прави напори, а оваа година бев поканет да настапам, меѓу другото, да бидам претставен и со дел од ‘Македонисимо’. Мене ми импонира особено поради фактот за тоа што претставува самиот проект ‘Македонисимо’“, рече Трпчески.

За импозантната градба на Хорти Салустијани, каде што се одржа концертот, на кој присуствуваше македонската државно-црковна делегација, предводена од претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, претставници на дипломатскиот кор, на македонската заедница и голем број италијански граѓани, Трпчески рече дека таквото здание дополнително го инспирира.

„Рим е прекрасен град, многу ми е мило што првпат оваа година имам можност да дојдам во Хорти Салустијани, едно здание што датира од првиот век пред нашата ера, свето место, многу инспиративно, многу интимно, кое навистина доста ни помага на музичарите. Секогаш има некоја специфика и особеност кога просторот ни дозволува да ги рашириме погледите и визиите за интерпретациите во музиката и од тој аспект мислам дека и оваа интима, ваквиот простор ме доинспирира“, рече Трпчески.

Според него, програмата што ја претстави, дел класична музика – Чајковски и Григ, дел од „Македонисимо“, беше прекрасно прифатена од публиката.

„Овој интимен дел се наполни и на многу искрен начин целата публика реагираше. Многу ми е мило што видов и членови на дипломатскиот кор, чест ми е што и претседателката и министерот за култура беа тука. Онака, како што би рекле ние, како што е редот да се направи почит за просветителите кои што оставиле голема трага, но и дополнителна одговорност за она како треба ние да продолжиме во иднина. Нека ова биде пример за понатаму“, истакна Трпчески.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која синоќа присуствуваше на концертот изјави дека никој нема да ја заборави таа вечер и дека тоа е уште една потврда за моќта на културната дипломатија.

„Без зборови сум, прво амбиентот на ‘Хорти Салустијани’ е прекрасен, а да не говорам за Симон Трпчески и неговата група. Се разбира дека покрај Чајковски и Григ, настапија и со ‘Македонисимо’. Мислам дека без здив останаа сите присутни екселенции од амбасадите, претставници на нашата дијаспора не само во Италија, туку и од други држави“, рече Сиљановска – Давкова.

Според неа, „концерот беше за восхит, заедничко уживање“ на кое присуствуваа и министерот за култура Зоран Љутков заедно со свештениците, кои се дел од државно-црковната делегација во Италија.

„Мислам дека никој нема да ја заборави оваа вечер, тоа е уште една потврда за моќта на културната дипломатија“, додаде Сиљановска – Давкова.

Таа посочи дека Италјанците се префинети кога е музиката во прашање, дека имаат вкус и строги критериуми, но смета дека после ова што го слушнаа „односот кон македонската култура ќе биде сменет“.

„А, јас повторно велам дека верувам дека покрај традиционалната дипломатија, културната дипломатија е нашето најмоќно оружје“, истакна претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.

Во рамки на посетата на Рим по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, таа вчера положи венец пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј која се наоѓа во базиликата „Санта Марија Маџоре“.

Сиљановска – Давкова и делегацијата го посетија и гробот на папата Франциск.

Македонската делегација во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебен на гробот на Свети Кирил по повод чествувањето на 24 мај – Денот на сесловенските просветители, со кој чиноначалствуваа митрополитот Тетовско-Гостиварски господин Јосиф и епископот Стобиски, господин Јаков, во придружба на повеќе свештенослужители.

Претседателката Сиљановска – Давкова утре во Ватикан ќе има аудиенцијата кај новиот папа Лео 14 и средба со кардиналот Пјетро Паролин.

Според програмата, предвидена е и средба со нејзиниот италијански колега Серџо Матарела.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ