Синдикалната минимална кошница за февруари изнесува 67.382 денара и во однос на синдикалната минимална кошница во јануари е зголемена за 969 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати, вредноста на синдикалната минимална кошничка се зголемува на 82.757 денари.
Зголемување од речиси илјада денари има и во делот на храната, односно ако војануари биле потребни минимум 24.211 денари, во февруари за истата намена биле потребни 25.156 денари.
Од ССМ велат дека за само два месеца од почетокот на годината, најавеното усогласување на минималната плата што треба да се случи во март, е изедено со растот на минималната синдикална кошничка.
„За само два месеца едно семејство е посиромашно за две илјади денари. За 24 месеци, односно околу колку што одбиваа да ја зголемат минималната плата вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за повеќе од 10.000 денари и затоа наместо да се препукуваат на грбот на работниците и политичките партии да застанат со нив, да ја изгласаат минималната плата која треба да иузнесува 600 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 6.000 денари“, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
ССМ им остави простор на Владата и работодавачите до крајот на февруари да се договорат за зголемувањето на минималната плата, во спротивно најавуваат уште еден протест и организирање генерален штрајк.






