Претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во воведното обраќање порача дека не постои дилема дали е потребно воведувањето на уставната жалба, туку дилемата секогаш била кои слободи и права кои се предвидени во Уставот треба да ја уживаат таа непосредна уставна судска заштита.
„Клучно и суштествено за една правна држава во која владее правото е независноста и самостојноста на Уставниот суд. Но, таа цел не е цел сама за себе, таа цел е за да може Уставниот суд да ја извршува својата примарна функција, да ја обезбеди супрематијата на Уставот во правниот поредок, да ги заштитува слободите и правата на човекот и граѓанинот. Затоа е потребна таа независност и самостојност, но тоа не е можно да се оствари само од Уставниот суд и ми е драго што со претседателот на Владата имавме многу конструктивни разговори – пред сè околу воведувањето на уставната тужба, околу воведување на уставен основ за Закон со кој ќе бидат до операционализирани самите одредби, буџетската независност и така, натаму. Драго ми е што се сретнавме со претседателот на Владата и дека имаме скоро идентични стојалишта по овие исклучително важни теми за уставното судство“, изјави Костадиновски.
Политиката, нагласи Костадиновски, треба да ги тргне рацете од Уставниот суд, а Уставниот суд има свои обврски кои треба да ги исполни и да делува над партиски, етнички, верски или каква било афилијација.
„Но, на тој пат Уставниот суд не може сам да ги оствари овие примарни цели и затоа ни е потребно дијалог и соработка со извршната и законодавната власт“, изјави Костадиновски.
Уставниот суд на Македонија, нагласи Костадиновски, е единствен на европско тло што нема Закон за уставен суд.
„Шест уставни одредби и акт на судот. Толку. Правната рамка е толку. Неопходно е тие шест уставни одредби да се операционализираат со закон, но не каков било закон, туку 2/3 закон за да ја гарантира самостојноста и независноста. Но, и за тоа е потребна уставна измена, и за Закон за уставен суд и за воведување на уставната тужба потребни се уставни измени“, изјави Костадиновски.
Претседател на Владата, Христијан Мицкоски на отворањето рече дека владеењето на правото претставува императив што мора да се почитува и Владата има засилена агенда на испорака на реформите кои директно влијаат на владеењето на правото, и најави дека очекува во брзо време позитивни вести за Планот за раст.
„Сите закони се работени со експерти од ЕК, домашната и стручна јавност, голем дел добиваат и мислење од Венецијанската комисија. Правото не треба да биде Шведска маса. Треба да има поинаков, принципиелен пристап и тогаш кога можеби нешто не се сложувате, но ако правото вели така треба да го прифатите. Ние како политичари и како луѓе можеме да се сложуваме или не, но одлуките на Уставниот суд се конечни и тоа е што е“, изјави Мицкоски.
Треба, нагласи премиерот, сите кои се занимаваат со јавна дејност да се свесни дека не само што се пред судот на јавноста исправени, туку имаат и сопствена одговорност и општествена тежина.
„Законот за Уставен суд и уставната жалба тука сме согласни со Костадиновски дека е потребна, но за тоа е потребна промена на Устав и кај нас тоа е чувствителна тема и секогаш кога ќе се случи темата промена на Устав тогаш најчесто нè потсетува на некои други процеси од минатото, иако ова станува збор за сосема поинаков процес. Апсолутно се согласувам со носење на закон за Уставниот суд, апсолутно се согласувам со институтот уставна жалба, но најдобро е да се создадат услови за промена на Уставот за да не ја вознемириме и така чувствителната јавност“, изјави Мицкоски.
Во услови кога треба да се консолидираме и во услови на светска криза, Мицкоски нагласи дека има уште еден предизвик да се враќа солидарен данок што некој го собрал, а сега дојде да се враќа.
„Нас како Влада нè болат понекогаш некои одлуки. Во услови кога треба да се консолидираме, во услови кога за жал имаме голема светска криза, во услови кога имаме нејаснотии и многу предизвици пред нас … ние имаме сега уште еден предизвик да враќаме да речеме солидарен данок којшто некој на времето знаеме го собрал на начин на којшто сите знаеме го собрал, сега на нас ни падна таа привилегија да го враќаме. Мораме да правиме одредени нови архитектури за да ова сето ова се случи во овие услови кога треба од една страна да им помогнеме на граѓаните, нивниот стандард да не биде загрозен, од друга страна да враќаме долгови од минатото, да решаваме проблеми од минатото, а сега на дневен ред дојде и тој солидарен данок којшто исто така треба да се врати. Но, се справуваме со овие предизвици, но генерално ми беше поентата дека покрај владеењето на правото, треба секогаш да имаме предвид и за општествените текови и реалната состојба во државата“, изјави Мицкоски.
Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, рече дека важно е за фундаменталните реформи да одат рака за рака.
„Уставниот суд не е само уште една институција, туку е вистински бранител на правото и заштитник на правата на луѓето и неговата независност и суверенитет се клучни. Во ЕУ системите имаме различни пристапи, и не е прашање за еден модел, но сакаме да имаме иста цел, луѓето да имаат исти права и пристап до уставна правда“, изјави Рокас.
Од наша страна, нагласи евроамбасадорот, ќе ги обезбедиме сета поддршка и знаење на патот кон ЕУ интеграција.
Амбасадор на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал, рече дека фундаменталните човекови права се основата на демократските општества, но и претставуваат приказ на нивната издржливост и созреаност, а Уставните судови имаат особено важна улога во оваа насока, бидејќи со нивните одлуки тие придонесуваат за интерпретирањето и појаснувањето на правните принципи и градење идни практики.
„Во тој контекст веруваме дека добро спроведен и ефикасен уставен механизам на жалби игра клучна улога, и ги приближува уставите права поблиску до граѓаните и ја гарантира нивната практична примена и ефикасна заштита. Податоците од анализата што подоцна ќе биде презентирана покажува дека само 75 барања за човекови права биле адресирани до Уставниот суд од 2019 до 2024, што е само 5,9% од сите случаи по кои постапувал. За споредба 1961 апликации биле испратени до Европскиот суд за човекови права во истиот период, што го истакнува јасниот јаз меѓу пристапноста и ефикасноста на домашните правни лекови“, изјави Вал.
Настанот е во рамки на проектот финансиран од Европската Унија „Зајакнати капацитети на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на донесените нормативни акти и заштита на основните права“.






