Гувернерот Славески изразува очекување дека овој пример ќе го следат и остантите банки. Ова следува по дијалогот што Народната банка го водеше со банкарскиот сектор за унапредување на пристапот на граѓаните до поефикасни и подостапни услуги.
„Нашата интервенција во МИПС ослободи значителен износ на средства кај банките и го намали нивниот оперативен трошок. Со ова се создаде простор за пренесување на дел од тие заштеди кон клиентите, преку намалување на надоместоците – нешто што веќе го гледаме како резултат“, изјави гувернерот Славески за „Трилинг“.
Тој посочува дека Народната банка, иако е регулатор, води постојан дијалог со банкарскиот сектор и делува и како партнер со цел да се унапредат услугите и да се зголеми задоволството кај корисниците.
„Разговараме со банките да одиме и чекор подалеку – кон разумна и општествено одговорна политика на тарифи. Тоа не е само во интерес на клиентите, туку и на банките, коишто преку вакви потези ги зајакнуваат сопствениот углед и довербата кај јавноста“, вели Славески.
Тој очекува наскоро и останатите банки да го следат примерот на трите најголеми банки во државата.
„Народната банка и во иднина ќе биде посветена на создавањето регулативна рамка којашто ќе поттикне развивање на квалитетни и ефикасни финансиски услуги достапни за сите граѓани и компании во земјава“, велат од централната банка.






