Трипуновски рече дека според последните информации, просечната откупна цена изнесува околу 419,84 денари за килограм, што е за речиси 20 денари повеќе во споредба со минатата година.
„Очекувам, доколку продолжи ваквата динамика, откупот на тутунот од реколтата 2025 да заврши до крајот на годината“, рече министерот за земјоделство.
Министерот Трипуновски ја оцени како многу успешна годината што изминува во ресорот што го предводи, истакнувајќи ги податоците од Државниот зваод за статистика според кои во второто тримесечие, откупот и продажбата на земјоделски производи изнесуваат 3,6 милијарди денари, што посочи претставува зголемување од 24,6 проценти во однос на истиот период од 2024 година.
Трипуновски рече дека во третото тримесечје, откупот и продажбата достигнаа 5,2 милијарди денари, што е раст од 12 проценти, односно околу 10,4 проценти споредбено со 2024 година.
„Овие бројки се јасен показател дека сме значително поуспешни од минатата година’, посочи министерот Трипуновски.
Тој додаде дека позитивните трендови се евидентни и во делот на извозот на земјоделски производи.
„Во периодот јануари – октомври, извозот на храна бележи раст од 5,5 проценти во споредба со 2024 година. Кај пијалоците и извозот на тутун е забележан раст од дури 30 проценти. Овие податоци се показател дека сме на вистинскиот пат кон враќање и зајакнување на македонското земјоделство’, оцени министерот за земјоделство.
Осврнувајќи се на резултатите од годинава меѓу останатото наведе дека донесени се важни законски решенија и реализирани се јавни повици за прераспределба на земјоделско земјиште и ловишта. Исто така, преземени се активности за забрзување на запоставени проекти, како тој со Светска банка за изградба на откупни центри во Скопје и Струмица, како и проектот финансиран со кредит од германска банка за изградба на системи за наводнување, кои се во напредна фаза. Во текот на 2026 година ќе започне и нивната реална изградба, најави министерот Трипуновски.






