„Посакувам успешна манифестација што го отсликува почетокот на гроздоберот – бербата на винското грозје, односно грозјето од нашата позната Тиквешија. Ние како Министерство остануваме силно фокусирани да го враќаме квантитетот на производството на винско грозје од Република Македонија“, рече министерот Трипуновски.
Како што соопшти тој, согласно податоците што ги има од Државниот инспекторат за земјоделство, заклучно со 4 септември, откупени се околу 30 милиони килограми, од кои 11 милиони црвено винско грозје, а остатокот е бело грозје што практично е собрано од винарските визби што се во регистерот.
Тој рече дека неговата порака до земјоделците е дека Инспекторатот, Министерството и Владата во целина, ќе го следат секојдневно откупот на винско грозје за да се спречат какви било отстапувања од законските норми и прописи што важат.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев потсети дека Општина Кавадарци денеска ќе го прослави „Тиквешки гроздобер“ со традиционалниот тиквешки карневал, што се одржува повеќе од 64 години.
„Ова е една од најстарите манифестации во Македонија, одразувајќи ги нашата култура и нашата традиција за одгледување винова лоза и правење вино и вински производи“, посочи Јанчев.
Тој рече дека заедно со министерот ќе бидат присутни на карневалот, каде ќе гостуваат карневалски групи и од државава, но и од странство.






