петок, 3 април 2026

Трипуновски: Консолидацијата на земјиштето бара заеднички ангажман

Консолидацијата на земјиштето не е само реформа – таа е можност. Можност за окрупнување на земјоделското производство, за поефикасно користење на ресурсите и за развој на поконкурентни и одржливи бизниси. Процесот бара заеднички ангажман на сите чинители, смета министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Објавено на

часот

Сподели

Тој на денешниот настан во Стопанската комора посветен на зголемување на обемот на консолидација на земјиштето преку партнерства со приватниот сектор посочи дека целта е да се отвори простор за поширока соработка и да се изградат партнерства коишто ќе овозможат побрза и поефикасна имплементација, во корист на земјоделците и руралните средини.

„Досегашните искуства јасно покажуваат дека консолидацијата носи реални придобивки – окрупнети парцели, поефикасно користење на земјиштето, намалени трошоци и зголемена подготвеност за инвестиции. Покажавме дека процеси како консолидацијата на земјиштето се можни и применливи во поширок обем, и дека посветените партнерства водат до успешни резултати – дури и во сложени структурни реформи како што е земјишната политика. Ова јасно потврдува дека консолидацијата не е само административна постапка, туку инструмент кој суштински го менува начинот на производство и отвора нови можности за развој на земјоделството“, рече Трипуновски.

Посочи дека во консолидираното подрачје Трн, тековните активностисе насочени кон завршување на последната фаза, односно дека се обезбедени средства и избран е изведувач на работите за изградба на земјоделската инфраструктура, а до крајот на годината се планира отпочнување и на активностите во консолидационо подрачје Логоварди за изградба на земјоделска инфраструктура.

„За таа цел, сакам да ги охрабрам и геодетските компании – како клучнa поддршка на процесот на терен – дополнително да ги зајакнат своите капацитети и активно да се вклучат во реализацијата на идните планови за консолидација, за кои е потребен поширок ангажман – на компании и експерти“, рече Трипуновски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ