Чупеска потенцираше дека интервенциите врз судството, редовно продуцираните скандали и предмети од страна на власта на ВМРО-ДПМНЕ, се во директна спротивност со ветувањата од нивната изборна програма.
-Наместо реални реформи и правда, сведочиме на континуирано и систематско поткопување на судската независност и правдата. Ветувањата за правда, вклучително и правдата за неправедно осудените, останаа само празни зборови, додека надежта за правда е сериозно нарушена. Особено загрижувачки е третманот на мајките на жртвите од Кочани, кој ја отсликува вистинската состојба на правдата во државата, рече Чупеска.
Според неа власта не сака независни судии, туку послушници, а тоа го постигнува преку воспоставување авторитарна партиократија која целосно ја контролира правосудната власт. Информира дека партиската Комисија за правда веќе извршила темелна анализа и ги достави своите забелешки до Министерството за правда, а наскоро ќе ги известат и нивните меѓународни партнери, вклучувајќи ја и Европската Унија, за, како што рече, сериозните пропусти и тенденциозноста на оваа власт.
Според потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова работите по една година од владата на ВМРО-ДПМНЕ не одат во права насока и време е да преземеме нешто.
Во однос на локалната самоуправа Шукова нагласи дека доволно е само да се помине низ Скопје за да стане јасно какви локални политики води владата на ВМРО-ДПМНЕ во оваа држава.
-Во тоа што се одбидува да се одлепи од постојната градоаначлничка, граѓаните се помалку веруваат. Главен кривец за состојбата во градот, покрај Данела Арсовска е секако ВМРО-ДПМНЕ. Да пробате вашиот несупех да го пренесете на другите е најлошото сценарио што можете да го осмислите и во таквите сценарија нашите граѓани веќе не веруваат и за таквите сценарија нашите граѓани на овие локални избори ќе го казнат ВМРО-ДПМНЕ, рече Шукова.
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ во своето обраќање посочи дека за една година колку што ВМРО-ДПМНЕ е на власт, работниците се понижени, граѓаните осиромашени, економијата задолжена, се случија еколошки катастрофи, институциите се партизирани, правдата е селективна, на улиците се случуваат секојдневни пресметки, има политички реваншизам, нарушен е соживотот, а државата е изолирана.
-Ветуваа дека работниците ќе бидат горди со европски плати. Но, за една година работниците не само што не се горди, туку нивниот труд е понижен како никогаш во историјата на нашата држава. Македонија е претпоследна во Европа по минимална плата. Со бедни 360 евра минимална плата, македонскиот работник е второ најсиромашен во Европа. Животниот стандард е на дното. Не употребија ниту еден механизам за ставање под контрола на цените кои вртоглаво растат на дневно ниво, а платите стагнираат, рече Димитријевиќ.
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Викторија Аврамовска Мадиќ посочи дека во време кога граѓаните очекуваат стабилност, безбедност и професионализам од институциите, Министерството за внатрешни работи e синоним за скандали, злоупотреби и партиска послушност.
Според Аврамовска Мадиќ во однос на истрагата за трагедијата во Кочани во ниту еден момент не се видело дека се преземаат мерки што ќе обезбедат безбедна и сеопфатна истрага.
Таа смета и дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, немаат сменето ниту еден закон, ниту правилник за да се справат со корупцијата, додека свесно ја враќаат државата во едно мрачно време на изолација и страв.
-Не верувавме дека е можно во 2025 година да ни се врати заробеното општество, заробениот ум. Секојдневно констатираме дека државата се врати назад, во времето на заробена и изолирана држава, без пријатели во регионот и светот. Безбедна држава е Европска држава. На каков пат беше Македонија. Членство на НАТО, СДСМ обезбеди само со две години владеење. Немаше непотизам, немаше селективност, имаше живот за сите. Сега, селективноста ја руши довербата во институциите и потврдува дека се уште живее духот на тефтерчињата, рече Аврамовска Мадиќ.
Според Андреј Жерновски, кој исто така член на Извршниот одбор на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ја претвора Македонија во подрачна единица на Унгарија.
-Состојбата кај македонската дипломатија не може да се оцени, бидејќи не постои. Постојат некакви обиди за меѓународни односи, изјави на меѓународен план, но тоа е далеку од сериозна дипломатија со јасен концепт. Ова е еден брод што плута, една дезориентирана дипломатија која нема ниту визија, ниту концепт како ќе ја води државата, рече Жерновски.
Тој потенцираше дека македонската дипломатија е во сериозна криза и целосно дезориентирана. ВМРО-ДПМНЕ, преку својот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски, рече, продолжува да го потврдува својот аматерски пристап кон водството на државата и дипломатијата.
Пратеникот, Митко Трајчулевски, пак изјави дека блокадата на железничката делница од Крива Паланка до бугарската граница од страна на владата значи ризик за губење над 200 милиони евра неповратни европски средства.
-Оваа делница е дел од Коридорот 8, кој има и економско и безбедносно значење за Македонија и регионот. Наместо да го изградиме со европски пари и под нивна контрола, владата го блокира проектот без објаснување, истакна Трајчулевски.
Според него, немањето стратегија и визија во транспортната инфраструктура директно го попречува економскиот развој на земјата.
Претседетелот на Комисијата за земјоделство,шумарство и водостопанство на СДСМ, Трајан Димковски, пак посочи дека за една година 136 професионалци си заминаа од Министерството за земјоделство.
-ВМРО ДПМНЕ ниту знае што прави со државата, ниту со земјделството. Ветуваа загарнтирани цени, сигурен откуп, повисоки субвенции. Но работите не се одвиваат така. Што направија, го сменија новиот модел што го воведуваме за субвенционирање кој беше базиран на исплата по учинок. Три години работевме на овој модел за да се воведе за да се исплати авансно. Најавуваа големи реконструкции на водоводни системи изградби, а денес гледаме дека тутунот се суши во прилепско. Ги скратија субвенциите за лозарството. Ги суспендираа програмите за мали земјоделци, што ги воведе СДСМ. Субвенциите за мерките што ги скратија опфаќаат околу 20.000 земјоделци. Ветуваа агенција за државно земјоделско земјиште, и тоа ветување им избледе, рече Димковски.
Претседателот на Социјалдемократската младина на Македонија, Трајче Стојчевски, пак, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ го зголемила трендот на иселување, а млади луѓе ја напуштаат земјава.
-Денешната дискусија посветена на проблемите на младите ја откри вистината за иселувањето на младите како еден од најголемите предизвици што ја погодува нашата држава. Во времето кога ВМРО-ДПМНЕ владееше 11 години, повеќе од 500.000 млади луѓе ја напуштија Македонија поради неможноста да ја најдат иднината тука. Политиките на тогашната власт создадоа непријателска клима за младите, со пораки дека или ќе се приклучат на партиските структури на ДПМНЕ, или нема место за нив во државата, рече Стојчевски.
Тој потенцираше дека и покрај ветувањата во последната изборна кампања, актуелното владеење на ВМРО-ДПМНЕ не донело значајни решенија.
-Наместо тоа, видовме празна реторика и недостаток на конкретни мерки за справување со вистинските причини за иселувањето. Во изминатите 12 месеци немаше суштински напори за јавна дебата или системски политики кои ќе ги задржат младите тука, изјави Стојчевски.