„Сите екипи на Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка се на терен, повикана е помош и од општина Ранковце, каде има активен пожар во село Милутинци, а на терен се и екипи од Јавно претпријатие „Македонски шуми“ и голем број локално население. Една од најновите дојави е дека неколку куќи во селото Градец се изгорени“, информира командирот на ТППЕ Крива Паланка, Иле Коцевски.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, од терен кај пожарите упати апел до сите граѓани што се во можност, до локалното население, да помогнат во гаснењето.
„Општината е зафатена од сериозни пожари кои се шират со голема брзина и претставуваат закана за домовите и безбедноста на нашите сограѓани. Огнената стихија се приближува до населеното место Лозаново, мораме да дејствуваме веднаш! Ги повикуваме сите граѓани што имаат можност и подготвеност – да се приклучат и помогнат во локализација и гасење на пожарите. Секоја помош е од непроценливо значење и секој човек значи разлика. Ова е момент за единство, солидарност и хуманост. Да се мобилизираме како заедница за заштита на нашите домови и природа“, напиша Митовски на својот Фејсбу- профил.