Оваа акција е подготвена од Центарот за современи уметности – Скопје во рамки на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми“ – Скопје.
Првото огледало, како што се наведува, ги истакнува последиците од говорот на омраза, потсетувајќи дека дури и најмалите навреди можат да повредат и да создадат култура на непријателство. Второто се фокусира на честите основи врз кои се шири омразата – национална, верска, етничка, политичка и сексуална, поттикнувајќи го минувачот да препознае колку лесно секојдневната комуникација може да ја репродуцира таа негативност. Третото огледало ги прикажува најтипичните конструкции на омразен говор, со јасна порака дека повторувањето или нормализирањето на вакви изрази го храни насилството и ја поткопува општествената кохезија.

„Со ваквата поставеност, минувачите буквално „се судруваат“ со сопственото одразено лице и со можноста да размислат дали некогаш употребиле израз што повредува, понижува или стигматизира други. Инсталацијата создава тивка, но длабока интеракција – момент на искреност помеѓу човекот и самиот себе“, стои во соопштението.
Целта на акцијата „Огледало“ е не да осуди, туку да охрабри: да ги поттикне граѓаните да развијат емпатија, да ја препознаат тежината на говорот што го користат и да станат активни учесници во создавање похумано, побезбедно и поповрзано општество.






