„Денеска, на мала врата се обидоа да утврдат усогласување на минималната плата за речиси 1.600 денари, во што ССМ нема мандат да учествува и ја напушти седницата на ЕСС. Жалосно е тоа што Владата, работодавачите и другите синдикати се на истиот став, а тоа е минималната плата само законски да се усогласи и да не се зголеми. За жал, борбата продолжува повторно на улуца на средината на март“, напиша претседателот на Сојузот на синдикатите, Слободан Трендафилов, на Фејсбук.
ССМ бараа зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите други плати за сто евра.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска на прес-конференција во Владата, по седницата на ЕСС, изјави дека минималната плата ќе се зголеми за 1.667 денари во нето-износ во согласност со законското усогласување што се прави во март. Тоа значи дека работниците во април ќе земат зголемена минимална плата за овој износ или поточно 26.046 денари во нето-износ.
„Ова е системско и законско решение, кое предвидува зголемување на минималната плата во согласност со економските движења, штитејќи го животниот стандард на работниците и водејќи сметка за економијата на нашата држава“, Дурмиши на прес-конференција.






