Според соопштението на грчкиот оператор на гасната мрежа (DESFA), учесничките оператори – DESFA (Грција), Булгартрансгаз (Бугарија), Трансгаз (Романија), Вестмолдтрансгаз (Молдавија), ГТСОУ (Украина), како и независниот оператор ICGB – по бројни консултации постигнале заеднички прифатлив предлог со Европската комисија за комерцијална промоција на Трансбалканскиот гасовод во рамките на Вертикалниот коридор.
„Во променливиот енергетски пејзаж, овој договор претставува пресвртница за енергетската интеграција на регионот, создавајќи отпорен, конкурентен и сигурен енергетски коридор во Југоисточна и Централна Европа“, се нагласува во соопштението.
Новата методологија, договорена за време на видеоконференција со Европската комисија и во присуство на Агенцијата за соработка на енергетските регулатори (ACER) и надлежните национални регулаторни тела, е усогласена со правото на Европската Унија.
Договорениот комерцијален пристап воведува нови тарифи што го прават Вертикалниот коридор високо конкурентен и стратешки енергетски правец за Југоисточна и Централна Европа, во особено критичен период за енергетската безбедност на континентот.
Со овој договор, Вертикалниот коридор се утврдува како клучна рута за снабдување со енергија во регионот и како важна алатка за зајакнување на диверзификацијата и енергетската безбедност на Европа.
Македонија не е на мапата на овој коридор.






